„Инстант слава, по секоја цена“: „Мејнстрим“ е филм што се обидува да го расветли лицемерието што нѐ одржува во живот

mainstream movie
фото: принтскрин јутјуб/ембд

Непотизмот не е сеприсутен само кај нас, туку и на голема врата е влезен во Холивуд. Многу полесно може да се продуцираат филмови кои се работени од втора генерација на режисери и режисерки, без разлика на нивните сценарија, штом се ангажираат филмски ѕвезди.

Таков е случајот и со Џиа Копола, која го има режирано „Пало Алто“, филмот за созревање на тинејџерите, во кој умееше да ја прикаже несфатената младина и проблемите што си ги создаваат младите, во потрага по внимание.

Денес таа потреба од туѓа валоризација ја мултиплицира, благодарение на нејзиното ново остварување именувано „Мејнстрим“. Таа опфаќа проблематика на масовната хистерија и потребата од „тргање сеир“ од гледање на туѓата мака, односно прифатливиот воајеризам, кој се прикрива дека е средство за забава за широките маси. Социјалните мрежи стануваат прозорец во светот, каде што секој може да се реобмисли, па таков е случајот со Линк, глумен од Ендру Гарфилд, кој станува протеже на Френки, односно Миа Хок, претворајќи се во интернет-сензација. Реалити шоуата пред некоја деценија ја нудеа илузијата на реалноста, па така и Линк на обесчовечениот и отуѓен аудиториум, му дава „соголени“ емоции, спакувани во познат бренд.

Џиа се обидела да сними „Мрежа“ на Сидни Ламет за миленијалци, но ја има потценето тежината што ја поседува култната творба, која кога и да ја погледнете, ќе ја содржи иницијалната потентност од неговото создавање. Таа вонвременост се должи на искрениот и непокорлив пристап на Ламет, што не е случај и со „Мејнстрим“, посебно не во сцената во која се повраќаат лајкови. Таа со своите кич ефекти ќе го најде местото во некоја пародија на денешната младина, не во филм што се обидува да го расветли лицемерието што нѐ одржува во живот. Социокритичкиот поглед е преголем залак за Џиа, иако Ендру е совршен избор за хиперактивен херој на дигиталната ера, своевиден Николас Кејџ на стероиди. Се образува еден љубовен триаголник, кој се базира на измама и хипокризија, така што одредени ликови, по овој судир, учат по некоја животна лекција, а некои аспирираат да бидат шупливиот идол, кој продава топла вода на тие што го идолизираат.

Кинематограферката Отум Дуралд употребува кратки кадри, со многу резови во монтажата (немаат младите внимание да гледаат долги кадри, без да погледнат во мобилниот телефон), за доловување на немирниот дух на ликовите и зумирање во нив додека се осамени, што се обележја од филмскиот јазик што го говори Џиа. Искористени се најавни шпици од немиот филм, за да се обложи делото во форма на една модерна бајка, за Пепелашка во потрага по нејзиниот принц.

mainstream movie
Фото: Принтскрин / Јутјуб

Монтирани се и снимки во прво лице низ мобилен телефон, средството за изразување на младите, кои се соодветен избор за овој тип на филм, во кој сведочиме на очајна потрага по љубов, која нема реципроцитет, особено кога врската е деструктивна. Џиа сосема е свесна дека единствениот разбирлив вокабулар, со кој може да допре до младите е обликот на јутјуб и тик-ток видеа, каде што се создаваат идоли од денгубари, со кои се поистоветуваат гледачите.

Дали има реализацијата високи естетски вредности, тоа е веќе друго прашање. Популарноста си има своја цена. Ретко кој може да ја плати, посебно ако достоинството е безвредна валута. Внимавајте на кого го споделувате вашето внимание.

Оценка: 3

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот