„Инспекторот“ Османи се правда: Примената на Законот за јазици е обемен процес, ПОМАГАЈТЕ!

Имплементацијата на Законот за јазици е обемен процес за кој сечија поддршка и помош е добредојдена, велат од Секретаријатот за европски прашања, откако шефот на овој сектор во Владата и вицепремиер Бујар Османи во саботата вршеше контрола на тоа дали информативните табли на институциите се двојазични за што објави и видео на фејсбук профилот.

„Имплементацијата на Законот за употреба на јазиците е долг и обемен процес, кој претставува континуирана обврска на Владата, за што сечија проверка, надзор и информирање е добредојдено. Наша обврска е да обезбедиме колку е можно поширока и транспарентна имплементација на овие обврски, за што очекуваме и поддршка од јавноста“, одговараат од СЕП на прашањето од каде ја црпи својата надлежност Османи за да врши контрола на имплементација на Законот за употреба на јазиците.

Во Законот пак е наведено дека неговата примена и контрола на примената вршат Агенцијата за примена на јазик, која е веќе формирана и која активно работи, што може да се види и од активностите што ги објавува на својата интернет страница, и Инспекторатот за употреба на јазикот.

Граѓанскиот активист Џабир Дерала, пак, вели дека вицепремиерот нема никаква надлежност за да ја контролира примената на Законот, затоа и оваа наводна инспекција ја прави во неработен ден.

-Доколку ова го правел во работен ден може да се каже и дека злоупотребувал државни ресурси.  Ова е чист популистички потег да се покаже дека ете се работи на примена на јазикот. Но вака, не само што не се подобрува примената на јазикот, туку се навредува и институцијата која треба да ја прави контролата. Ова однесување покажува дека ете институцијата не работи, па мора министерот Османи да ја врши нејзината работа – вели Дерала.

На социјалните мрежи се кометира и тоа што вицепремиерот додека возел од една до друга институција, направил прекршок од Законот за безбедност во сообраќајот и патишта бидејќи зборува на телефон.

„Возачот на моторно возило, за време на управувањето со возилото не смее да користи мобилен телефон, ниту други уреди, на начин кој би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило”, пишува во законот.

Откако Османи сам објави видео во кое се гледа дека го крши законот, МВР мора да поведе прекршочна постапка и да го казни, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Османи во саботата на својот профил на Фејсбук објави видео на кое е снимен како ги проверува двојазичните табли на институциите во Скопје.

Османи забележа дека на Агенцијата за администрација таблата е само на македонски јазик, па веднаш му се јави на директорот.

– Бујар Османи е на телефон, како сте директоре? Сакав да те прашам, тука сум пред институцијата, гледам дека таблата е еднојазична. Каков е планот за менување? Вчера требало да ја добиете, имало грешка во буквите. Подобро е што сте ја вратиле, за да нема грешка, тоа е полошо. Комунициравте со Агенцијата за јазици? За да ви помогне во дефинирање. Добро. Готово – му вели Османи на директорот на Агенцијата за администрација преку телефон.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот