Општинските инспектори, немоќни против потпалувачите на депонии – Бараат помош од државниот инспекторат и МВР

загадување во визбегово
загадување во визбегово

Густ чад предизвикан од палење на повеќе од 300 гуми ги исплаши викендов граѓаните на струмичкиот регион, во околината на село Костурино. Пожарот не ја зафатил блиската нискостеблеста шума, но значително го отежнал дишењето на населението.

Струмичките инспектори за животна средина, во изјава за „Слободен печат“ велат дека ваквите настани не се пракса во нивниот град, и уверуваат дека станува збор за изолиран инцидент.

– Инспекторите редовно излегуваат на терен, како по добиена пријава, така и самоиницијативно. Досега не се забележани палења на депонии, ниту на стрништа кои би го загадиле воздухот во струмичкиот регион. Нивите во Струмица се ораат, и се подготвуваат за нова сеидба – изјави за „Слободен печат“ Микица Чардарова, инспектор за животна средина во општина Струмица.

Но, ситуацијата во главниот град е малку поразлична. И покрај напорите на локалната власт, тешко се искоренуваат навиките на граѓаните. Земјоделците и понатаму продолжуваат со праксата остатоците од нивите да ги палат, наместо да ги повикаат службите на градот бесплатно да го соберат остатокот од нивите, по што Град Скопје ја изрече и првата казна за потпалувач на оган на отворено.

„Потпалувачот од Сарај беше лоциран со помош на снимки од дрон, по што му беше изречена казна за палење оган на отворено, во висина од 1.000 евра“, информираат од Градот и додаваат дека на дронот има и камера за ноќно снимање, па со него ќе се вршат прелети и во текот на ноќта за лоцирање на критичните точки кои предизвикуваат загадување.

Голем револт на социјалните мрежи предизвикаа и фотографиите од запалена депонија во Визбегово.

Дали општина Бутел е запознаена со ситуацијата, ги прашавме надлежните од каде што ни одговорија дека депонијата се граничи со општина Бутел, но е во надлежност на Шуто Оризари, од каде што не добивме одговор што ќе превземат за да се спречи понатамошно палење на депонијата.

Четири инспектори за цел град

Четворицата инспектори за животна средина вработени во Град Скопје деноноќно се на терен во обид да ги лоцираат потпалувачите на оган.

– Досега имаме над 200 часа прекувремена работа, јас и колегите сме постојано на терен, излегуваме и по добиена пријава, но немаме помош од општинските комунални инспектори. Сите општини имаат комунални инспектори, кои треба без наша помош, самостојно да ги лоцираат. Сепак, сите чекаат помош од нас – се жали инспектор за животна средина во Град Скопје.

Четворицата градски инспектори очекуваат засилување од 15 нови колеги, но дотогаш бараат да се интензивира соработката со Државниот инспекторат за животна средина и со Министерството за внатрешни работи.

Зошто соработката помеѓу двете институции не резултира со почист воздух во Скопје прашавме и во Инспекторатот, од каде што кусо ни одговорија дека не се надлежни да ги лоцираат, ниту палењето на стрништата, ниту пак на ѓубриштата, попознати како диви депонии.

– Ѓубриштата, коишто сите ги нарекуваат диви депонии се во надлежност на општините. Ние не сме надлежни за вршење надзор. Соработка помеѓу институциите има, но повеќе е консултативна – ни рече Дарко Блинков, инспектор во Државен инспекторат во животна средина.

Од МВР, пак, велат дека при пријавен пожар, надлежните полициски службеници од СВР Скопје излегуваат на местото на настанот на увид и преземаат координирани мерки и активности заедно со припадниците на Бригадата за противпожарна заштита-Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување.

Од друга страна, општините ги демантираат тврдењата од градскиот инспекторат за животна средина. Велат дека комуналните служби секојдневно вршат инспекциски патроли за да ги превенираат штетите од потпалувањето и да извршат санкции доколку има потреба.

Општина Карпош секој ден има инспекциски патроли за да ги превенираат штетите од потпалувањето и да извршат санкции доколку има потреба, а има и дежурен број за пријави, велат од општината. Во две смени работат и инспекторите во општина Ѓорче Петров кои до сега имаат изречено две мандатно-имунитетни казни на физички лица во висина од 50 евра, информираат од општина Ѓорче Петров. И од општина Аеродром потврдуваат дека комуналните инспектори работат две смени и за време на викенди.

Единствено општина Гази Баба нема дежурна служба.

„По пријава на 193 за запалена дива депонија или локален пожар, на посочената локација излегува екипа од мешан состав од Противпожарна бригада, инспектор од град Скопје, инспектор од општина Гази Баба како и полициски службеници“, велат од Гази Баба.

Воздухот не го загадува само чадот од запалените депонии

Поставување на филтри на фабриките во полошкиот регион, субвенционирана замена на нееколошките извори на затоплување, субвенции за купување нови еколошки возила и инсталација на плински уреди во возилата на бензин и дизел, се дел од мерките кои Министерството за животна средина ги најави во борбата против загадувањето на воздухот.

Во интервју за „Слободен печат“, заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, изрази оптимизам дека мерките на Владата ќе овозможат претстојната зима граѓаните да не се шетаат со маски за дишење.

Макрадули потврди дека е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности, во висина од два милиони евра, но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства, наменети за остварување на мерките од обемниот план.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот