Иницијаторите за конгрес под вонредни закани и навреди

Сѐ посилните навреди и клеветења го покажуваат стравот дека фотелјата на Мицкоски секој ден сѐ посилно се тресе. Примитивните напади покажуваат дека дното е допрено, подолу не може да се оди, се вели во соопштението на Иницијативниот одбор.

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ обвини денеска дека луѓе блиски на Христијан Мицкоски им се закануваат, ги омаловажуваат и ги навредуваат членовите на иницијативата преку социјалните мрежи. Особено на удар на нападите биле изложени партиските делегати, кои ја поддржале иницијативата за вонреден конгрес и кои, според иницијаторите, од ден во ден ги има сѐ повеќе.

„Методите на напад се брутални против секој што бара негова (на Мицкоски) смена. Сѐ посилните навреди и клеветења го покажуваат стравот дека фотелјата на Мицкоски секој ден сѐ посилно се тресе. Примитивните напади покажуваат дека дното е допрено, подолу не може да се оди. Деструкција, навреди и клевети на секој чекор, но издржавме и ќе издржиме. Крајот е близу, а Мицкоски во моментов е давеник што бара сламка за да се спаси, не избирајќи средства и начини да се задржи на позицијата. Никој и ништо не може да нѐ заплаши! Имаме обврска и одговорност кон членството да ја поправиме грешката, која ја направивме кога гласавме за Мицкоски за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува во соопштението на Иницијативниот одбор, потпишано од Ивица Коневски. 

Инаку, јавноста веќе подолго време е сведок дека двете групации во ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да се откажат од своите планови. Првата, Иницијативниот одбор, да го смени Мицкоски, а втората, актуелното партиско раководство, кое пак не се откажува од создавање ново парламентарно мнозинство. На новинарско прашање до каде се подготовките за преземање на власта во Собранието, Мицкоски вели дека нема предвреме нема ништо да открие.

– Не очекувајте дека сите оние со кои разговараме, пред целосно да договориме јавно, да излезат и да кажат каква ќе биде постапката за уривање на оваа влада. Да кажат, да, ние сме тука и ќе бидеме глинени гулаби за машинеријата и инструментите на Зоран Заев за притисок, закани, уцени итн. Сигурно не сме ниту ние ниту тие наивни. Да почекаме, наскоро времето што е пред нас ќе даде одговор дали јас сум во право или некој друг – рече Мицкоски. 

Иницијативниот одбор на 28 март свика вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека имаат поддршка од 367-те делегати кои гласаа за Мицкоски во Валандово, а тие, како што се вели во соопштението, не очекуваат да бидат јавно навредувани, туку очекуваат тој да се појави на вонредниот конгрес за да објасни во една поширока дискусија во кој правец се движи партијата.

„Вонредниот 17. Конгрес закажан на 28 март во Скопје е добра можност за сплотување на партијата и промени што ќе донесат нова енергија“, порачува Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот