Иницијативен одбор: Очекувано е човек кој доживеал целосен дебакл да се радува за одложувањето на неговото заминување од функцијата

Од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение посочуваат дека „еуфоријата на се уште актуелниот Претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за одложувањето на Вонредниот конгрес покажува колку е тој очаен и колку го интересира само сопствената функција“.

„Христијан Мицкоски успеа да ги загуби изборите во Ново Село и покрај тоа што градоначалникот познат како Боро-Малборо беше фатен во шверц на цигари. Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и локалните избори во Охрид, иако дури и Гордана Силјановска таму победи. Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и Претседателските и Парламентарните избори во 2019 и 2020 година. Христијан Мицкоски избега од изборно соочување во Штип и избега од заземање на став по однос на референдумот“, пишуваат од Иницијативата.

Тие велат дека Мицкоски овие четири години станал синоним за пораз.

„Очекувано е човек кој доживеал целосен дебакл да се радува само затоа што се одложило неговото заминување од функцијата. Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови, додека останатите членови се соочуваат со драконски казни. Нема член на СДСМ кој не смета дека Мицкоски „треба да си го пазат како очи во глава“ и дека тој е омилениот спаринг партнер кој си го нокаутираат по договор. Мицкоски и нанесува штета и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија. Мицкоски има неколкукратно понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и ја влече партијата надолу, а меѓу два изборни циклуси успеа да загуби 150 000 гласови“, додаваат во соопштението.

Од Иницијативниот одбор велат дека колку порано Мицкоски си замине од претседателската функција, толку подобро и за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ.

„Јасно е дека тој нема капацитет да ја води партијата.
Отпорот против Мицкоски во партијата се зголемува и се ближи крајот на неговите партиски бизниси. Иницијативниот одбор за организирање на Вонреден конгрес навремено ќе ги информира делегатите и јавноста за сите идни чекори“, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот