„Иницијативата за една изборна единица“ со апел до ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Очигледна е намерата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, сакаат да ги блокираат Предлог измените на Изборниот законик. За да се разгледаат илјадниците поднесени амандмани до Собранието, на комисиите ќе им треба многу време за дискусија, велат од „Иницијативата за една изборна единица“. Маја Морачанин со апел до колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат аманданите, бидејќи како што вели – тоа не е решение. Иако е легитимен процесот на поднесување на амандмани намерата е нелегитимна, бидејќи станува збор за блокада на законите. Секогаш има простор за разговор, вели Морачанин.

– Борбата е тешка но ќе бидеме упорни. Имаме напредок, бидејќи кога пред два дена законите беа ставени на собранискиот дневен ред и се гласаше за потребата од Законот за една изборна единица, гласаа дури 59 пратеници, а за Законот за отворени листи на локалните и парламентарните избори гласаа 58 пратеници. Очекувано ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа против, СДСМ „за“. Бројот на гласовите ќе беше поголем, бидејќи дел од пратениците кои ги подржуваат нашите закони беа службено отсутни. Нашите пресметки се дека доколу законите дојдат на собраниска седница ќе добијат поддршка од 65 пратеници. Консензуалниот принцип не е задолжителен. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ плашејќи се од евентуалното изгласување на законите, одлучија да ги блокираат со поднесување на 6.000 амандмани. Очигледно не сакаат да остават ништо на случајност – вели Морачанин за „Слободен печат“.

Таа жали за она што се случува со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи како „Иницијатива за една изборна единица“, како што нагласува, законите до парламентот ги доставиле уште во септември, пред партискиот договор за предвремени парламентарни избори на 12 април.

– До лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ тогаш доставивме и барање за средби на кои сакавме да им ги образложиме нашите закони. Како најголеми политички субјекти кои учествуваат во преговорите за измени во Изборниот законик сакавме лично да го слушнеме нивното мислење за нашите предлози. Но, средба реализиравме само со лидрот на СДСМ Зоран Заев. Од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Христијан Мицкоски и Али Ахмети, не добивме ниту одговор. Не дојдоа ниту на јавната расправа организирана во Собранието. Со присуство не бевме удостоени ниту од нашите колеги пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – вели Морачанин.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ стравуваат од една изборна единица и отворени листи?

Нема објаснување за нивните стравувања, бидејќи со овој изборен модел за една изборна единица никој не губи, велат собраниски извори. Наместо шест, државата ќе биде една изборна единициа, втората изборна единица ќе биде дијаспората. Во овој случај станува збор за демократизација на општеството. Ако математички се пресметува, поголемите партии може да изгубат само од 1 до 2 пратеници. Кај ДУИ, барем како што јавно велат партиските претставници, пресметките се дека и на овие парламентарни ќе останат со ист број на пратеници, односно ќе нема прелевање на ниту еден пратеник.

Не е јасно ниту зошто некоја партија би била против отворени листи на локални избори, или пак предлогот 50 проценти од кандидатите на листите за советници или за пратеници да бидат жени. Од партиите официјално велат дека има распололжение за вакви измени. Во моментов, на изборнтие листи 40 проценти се жени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот