Иницијативата ќе добие законска „обланда“ – недела станува неработен ден

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вработените во трговијата, кои беа најмногу погодени од досегашниот начин на работа, со воодушевување ја примија веста, а од Сојузот на синдикатите се пофалија дека тоа што Владата го прифатила нивниот предлог, претставува одличен пример за унапредување на работничките права преку создавање правна рамка за почитување на демократските вредности.

Министерството за труд и социјална политика е задолжено од Владата во рок од 15 дена да достави законско решение, со што неделата и официјално ќе стане неработен ден. Владата ја прифати иницијативата денот недела да биде прогласен за неработен ден, соопшти прв на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев, потенцирајќи дека ова решение е во интерес на граѓаните.

– Неделата треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време за секој граѓанин на кој тоа му е потребно, ден за семејството, ден за себе – напиша Заев.

Вработените во трговијата, кои беа најмногу погодени од досегашниот начин на работа, со воодушевување ја примија веста, а од Сојузот на синдикатите се пофалија дека тоа што Владата го прифатила нивниот предлог, претставува одличен пример за унапредување на работничките права преку создавање правна рамка за почитување на демократските вредности. ССМ уште во 2018 година кога почнаа преговорите за новиот Закон за работните односи, изготви свој предлог-текст, во кој покрај другото, беше и барањето неделата да се утврди како неработен ден. Ваквата иницијатива, беше и едно од главните барања на синдикалниот марш во 2018 и 2019 година. Во регионот, Словенија и Црна Гора), ја воведоа неделата како неработен ден и практиката покажа дека тоа е паметен потег, велат од ССМ.

– Нашите анализи и примери покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците и граѓаните. Во услови на криза предизвикана од коронавирусот, се покажува дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници – изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Освен најавата, засега не е познато кој се ќе биде опфатен со новото законско решение, а дел од трговците велат дека тие ќе се прилагодат на новите услови, што значи поголема снабденост со артикли, бидејќи најголемиот промет ќе се прави во саботите. Досега, многумина го оставаа шопингот за последниот ден во седмицата, а потрошувачките навики ќе мора да се менуваат, децидни се и граѓаните и трговците.

Акцентирајќи дека „работењето во неделите, стана правило што се злоупотребува“, иницијативи за прогласување на неделата за неработен ден, имаше и во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија.

 Австрија со целосна забрана за работа во викендите

Ограничена работа во недела има во повеќе држави на ЕУ, а правилата се најстроги во Австрија, каде што важи целосна забрана за работа во последниот ден од викендот. Покрај Грција и Австрија, и Белгија, Кипар, Чешка, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Луксембург, Холандија, Шпанија, Полска и Велика Британија, имаат јасни правила за тоа кој може, а кој не смее да работи во неделите. И во Италија се планира да се воведе вакво правило. Останатите членки на ЕУ, главно не го ограничуваат работното време.

Како функционира грчкиот модел?

Грција пред неколку години воведе нови правила за работното време. Вообичаено, продавниците во големите градови, работат од 9 наутро до 9 навечер, во сите работни денови, освен во недела. Дуќаните во малите градови и приградски населби работат на смени, а во текот на целиот ден и во недела, во Грција работат дуќаните во туристичките центри. Интересен момент е што со закон е пропишано дека за сите има 7 работни недели во годината. Така, Грците можат да одат во шопинг две недели пред Божиќ, секоја прва недела за време на распродажбите – а дуќаните се отворени и во недела пред Велигден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот