ИНФОГРАФИК Во земјава повеќе заболени жени од коронавирус, смртноста поголема кај мажите

Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголем број заболени во земјава се на возраст од 50 до 59 години, 292 случаи односно 20,9 отсто, каде е регистрирана и највисока специфична инциденца, додека најмала инциденца од 22,4 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 10-19 и 0-9 години, каде се пријавени 56 и 51 случаи соодветно.

Кај лица над 60 години регистрирани се 287 случаи со инциденца од 74,9 на 100.000 жители.

Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 662 машки и 737 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 63,9 на 100.000 жители, додека кај женските 71,4 на 100.000.

Регистрирани се 65 смртни случаи, 4,6 отсто. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 11,2 на 100.000 жители. Регистрирани се 46 смртни случаи кај лица од машки и 19 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 50 (76,9 отсто) се регистрирани коморбидитети.

Од пријавените случаи, 22,9 отсто, односно 320 се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се уште се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8 отсто), кашлица (53,2 отсто), малаксаност (34,7 отсто), треска (19 проценти), главоболка (16,4 отсто), болка во грло (15,8 отсто) и отежнато дишење (15 отсто).

Кај 485 или 34,7 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9 проценти имале контакт со веќе потврден случај во државата.

Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво, 107 лица, е регистриран на 15 април.

Од 15 февруари до 26 април тестирани се вкупно 15.409 материјали (детектирани 1.399 позитивни лица).

Според место на постојано живеење или повремен престој, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 27 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп, додека највисок леталитет (со исклучок на странскиот државјанин од Кавадарци) се регистрира во Струга.


Проценката на СЗО на глобално ниво и на ниво на Европа за понатамошно ширење на КОВИД-19 кажува дека ризикот е многу висок.

Според категоризацијата на ризикот од СЗО, се проценува дека ризикот за понатамошно ширење на КОВИД-19 во Република Северна Македонија е многу висок, наведува Институтот за јавно здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот