ИНФОГРАФИК| Секој ден од минималната плата за државата и придонеси одат по 449 денари
Оној со минимална плата секој ден за образование си плаќа по 35 денари, за одбрана по 11 денари, за рекреација, култура и религија по 5,4 денари… Секако, пресметките се поинакви за оние со повисоки плати, па оние со просечна плата за функциите на централната влада, секој ден издвојуваат по 835 денари
Сајтот под капата на Министерството за финансии Отворени податоци (opendata.mk) открива колку пари секој ден граѓаните издвојуваат за функциите на државата како даночни обврзници. Очекувано, колку се поголеми приходите, толку поголеми се и давачките кон државата. Издатоците кога ќе се измерат вака на дневна основа, покажуваат солидни суми. Сепак, треба да се земе предвид дека тука се сите комплет трошоци, од пензиско и здравствено осигурување до култура и рекреација.
Оние што земаат минимална нето-плата од 22.567 денари, секој ден за функциите на државата издвојуваат по 449 денари. Притоа, нивниот пензиски придонес е 144 денари на дневна основа, за она што е класифицирано како економски работи се плаќаат по 92,5 денари, за здравство 85,7 денари, за образование 35 денари, за општи и јавни служби одат по 25 денари, за јавен ред и мир 21 денар, за одбрана 11 денари, за рекреација, култура и религија по 5,4 денари, за живеалишта и развој на заедницата 5 денари и за заштита на животна средина секој ден се плаќа по 1,8 денари.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во државата е 41.939 денари и се однесува за јуни. Тие со просечните плати, пак, секој ден за функциите на државата одделуваат по 835 денари. Тие речиси двојно плаќаат за пензиски придонес од оние со минималната плата. Така, примателите на просечна плата дневно давале по 267 денари за нивните идни пензии.
Старото економско правило кажува – што побогат народ, тоа и побогата држава, затоа што даночната основица е значајно поголема. Побогати ќе бидат и идните пензионери. Затоа, многу често економистите укажуваат на тоа дека пензијата е економска, а не социјална категорија, односно кој колку уплаќал низ годините, толку ќе си добие пензија.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати повтори дека новата влада е пријател на бизнис-заедницата. Тој посочуваше дека поуспешни компании значат и повеќе вработувања, поголеми плати, а со тоа и повеќе даноци и приливи во државната каса.
Сепак, Владата е воздржана околу барањата на синдикатите за растот на минималната плата на ниво од 450 евра. На новинарско прашање дали премиерот ќе се сретне со Синдикатот што му беше упатено завчера пред средбата со германските стопанственици, тој рече дека такво барање од ССМ до него не стигнало, а и дека синдикатите се во комуникација со Министерството за економија и труд.
Претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов вели дека проблемот е што стопанствениците преголем дел од доходот задржуваат за себе.
– Во Европската Унија соодносот на плата со капиталот што останува потоа за газдите е некаде 60-70 проценти за плата и 30-40 проценти за газдата. Додека Македонија е земја во која се одвојува само 10-15 проценти за плати на работниците, а сè останато останува за газдите за да можат да се луксузираат и да си го овозможат сето она што работниците можат само да го сонуваат – рече Трендафилов во интервју за Канал 77.
Од сите даночни приходи годинава во буџетот се планирани 2,9 милијарди евра, а од придонесите се планирани 1,7 милијарди евра.
Од граѓаните, пак, може да се слушнат секојдневни поплаки во однос на функционирањето на администрацијата и на јавните служби.
Во јавниот сектор во државава активни се 1.371 институции, во кои работен однос имаат засновано 128.879 лица, покажува Регистарот за 2023 година. Од нив 18.710 лица се вработени во Армијата, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Министерството за внатрешни работи и органот во негов состав – Бирото за јавна безбедност, како и во органот во состав на Министерството за финансии – Управата за финансиско разузнавање со статус на овластени службени лица за кои во Регистарот се водат податоци само за бројот на вработени, но не и за нивната структура. Во Извештајот е направена анализа на структурата на податоци за 110.169 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 62.585, додека мажи се 47.584. Просечната возраст на овие вработени изнесува 46,2 години. Од сите вработени, 1.813 се доктори на науки, 5.102 се магистри, 52.881 се со високо образование, 2.664 се со вишо образование, 38.137 се со средно образование, а 9.356 се со основно образование и полуквалификувани 63. Од Буџетот, само за платите во администрацијата се одвоени 724 милиони евра.