ИНФОГРАФИК: Овошјето и зеленчукот поскапуваат, трговците ќаруваат

Овошје и зеленчук / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Бранот поскапувања кој секојдневно го чувствуваме, не ги поштеди ни овошјето и зеленчукот – во Македонија традиционално достапните земјоделски производи полека стануваат луксуз за граѓаните.

„Слободен печат“ ги провери и ги спореди цените на дел од најпродаваното сезонско овошје и зеленчук на големо, на Кванташкиот пазар, и на мало – во маркетите и на пазарите во Скопје. Поголемиот дел од овие производи, особено зеленчукот, се поскапени во однос на лани, а се добива влечаток и дека трговците на мало имаат прилично високи маржи во добар дел од ваквиот асортиман. Ова особено важи за големите трговски синџири, кои купуваат големи количества, плаќајќи за нив уште пониски набавни цени.

Споредбата покажува дека најголема разлика во цените има кај праските, кајсиите, доматите и краставиците. Праските на големо се продаваат за 30 денари за килограм, а на пазарите за меѓу 40 и 50 денари за килограм, додека пак во маркетите чинат 50-60 денари за килограм.

Кајсиите, исто така, на големо може да се најдат за 30-40 денари, а на пазарите и во маркетите најевтините се околу 45 денари. Солидна разлика има и во цената на доматите, кои на големо се околу 30 денари, а на пазарите се меѓу 40 и 45 денари за килограм, додека во маркетите се меѓу 50 и 65 денари за килограм. Лубениците на Кванташкиот пазар се продаваат за 10-15 денари за килограм, додека цената во маркетите е 20-30 денари.

Зеленчукот поскапел многу повеќе од овошјето во споредба со лани, вели државната статистика

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) овој јули, во споредба со ланскиот, е забележан раст во цените на зеленчукот за 23,3%, а цените на овошјето се зголемени за 3,5%. На месечно ниво пак, според податоците на ДЗС, овошјето во јули поскапело за 2.9% во однос на јуни, а цената на зеленчукот (освен компирите и другите коренести плодови) во јули паднала за 6,4% во однос на претходниот месец.

Интересно е да се види кои овошја најмногу поскапеле или поевтиниле во изминатава година. Така, според податоците на Земјоделскиот пазарен информативен систем (ЗПИС), во јуни 2022 овошје што најмногу поскапело е јаболкото од сортата „Грени смит“, чија цена се зголемила речиси двојно (96,9%).

Но, има и видови овошје кои во јуни поевтиниле во однос на лани. На пример, праската бележи пад во цената за 34,9% (просечната најзастапена цена се намалила од 102 на 66 денари за килограм). Исто така, поевтиниле и лимоните (49,1%), мандарините (41,7%), дињите (17,3%) и бананите (14,3%).

Кај зеленчукот, за жал, работите се малку поинакви. Поголемиот дел од производите во јуни 2022 година бележат раст за разлика од лани. Така, на пример, според податоците на ЗПИС, се бележи раст на цените на кромидот, спанаќот, цвеклото, леќата, компирот… Лукот е меѓу ретките зеленчуци кои поевтиниле во јуни годинава во споредба со лани (33,3%).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот