ИНФОГРАФИК: Како Балканот загуби милиони жители

Плоштад „Македонија“, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Првите пописи по пандемијата во земјите од регионот покажуваат загрижувачки бројки.

Македонија во последниве две децении „изгубила“ 185 илјади жители, додека пак Хрватска во последнава деценија изгубила скоро 400 илјади жители.

Според податоците од заводите за статистика на земјите од регионот кои ги објави „Ал Џезира“, јасно е дека на територијата на поранешна Југославија денес живеат речиси 2,7 милиони луѓе помалку отколку во 1991-ва година.

Попис на население во СФРЈ/ Обработка на податоци: СП. / Иван Самарџиев
Пописи на население на Балканот/ Обработка на податоци: Фото СП. / Иван Самарџиев

Имајќи предвид дека резултатите од новите пописи на населението за повеќето земји во регионот ќе дојдат оваа и следната година, таа бројка најверојатно ќе надмине три милиони.

Пописот од 1991 година бил спроведен во време кога започнале војните на териториите на поранешната држава, а по распаѓањето, некои од земјите спроведоа посебни пописи со цел да се утврдат официјалните резултати.

Според пописот од 1991 година, Србија била убедливо најбројната југословенска република со речиси 9,8 милиони жители. Тогаш Хрватска имала речиси 4,8 милиони жители, а Босна и Херцеговина 4.365.369.

Македонија имала над два милиони жители, а Словенија нешто под два милиони жители. Црна Гора била најмала по бројот на жители, односно имала 615 илјади граѓани.

Словенечки аеродром/ Фото Jure Makovec / AFP / Profimedia

Голем пад во бројот на жители

Споредувајќи ги овие податоци со последните достапни бројки од земјите од регионот, очигледно е дека бројот на жители во овие земји е драстично намален.

Србија на последниот попис од 2011 година „изброи“ 7.186.862 жители. Во овој попис не беа вклучени жителите на Косово, а поради бојкот на пописот, во општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа, бројките не се најпрецизни.

Ако се споредат овие бројки со оние од 1991 година, тоа значи дека Србија „изгубила“ 650 илјади жители. Овој октомври се очекува земјата да спроведе нов попис, што може да значи дополнително смалување на овие бројки.

Според податоците од последниот попис во БиХ во 2013 година, земјата има 3,5 милиони жители, што значи дека во тие 22 години, бројот се намалил за 834 илјади.

Словенија, според бројките од пописот од 2011 година, бележи раст од 100 илјади жители во однос на бројот од 1991 година.

Црна Гора, како и Словенија е земја која бележи раст на бројот на жители, а тој број изнесува 5 илјади во споредба со 1991 година.

Причини за падот

Страшните војни на територија на поранешна Југославија се главниот фактор поради ваквото намалување на бројот на населението.

Според статистиките на Меѓународниот центар за транзициска правда во војните во Југославија загинале вкупно 140.000 луѓе, а четири милиони побегнале во странство.

Најголема штета претрпела Босна и Херцеговина. Се проценува дека околу 100.000 луѓе ги загубиле животите во оваа земја за време на војната.

Според овие бројки, се проценува дека војната однела 20.000 животи во Хрватска, а 13.500 во Косово.

Но, војните не се единствениот причинител за поразувачките бројки.

Негативниот природен прираст што се бележи на целиот Западен Балкан во последниве децении е друга причина за „исчезнувањето“ на населението.

Но, клучната и најболна причина можеби е иселувањето.

Не само младите, туку и сè повеќе семејства одлучуваат да се иселат од земјите од регионот, во потрага по подобар живот низ Европа и светот, додека земјите од Западен Балкан продолжуваат да „стареат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот