ИНФОГРАФИК: И тие што прележале ковид имаат имунитет, ама вакцината го „цементира“

Вакцинација Борис Трајковски ковид-19
Вакционален пункт СЦ „Борис Трајковски“ /Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Не е точно дека тие што прележале ковид-19 секогаш имаат подолготраен и подобар имунитет од оние што се вакцинирале, а не ја прележале болеста, смета доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом-Скопје. Тој објаснува дека некогаш прележувањето на болеста дава подобар имунитет, а некогаш вакцинацијата.
Д-р Злате Мехмедовиќ

Така американскиот Центар за контрола и превенција на болести, откако направи истражување на испитаници од државата Кентаки, заклучи дека невакцинираните кои прележале ковид имаат 2,34 пати поголем ризик да се инфицираат со коронавирусот споредено со вакцинираните. Затоа, Центарот за контрола и превенција на болести препорачува целосно да се вакцинираат и прележаните, исто како што препорачува и македонскиот национален Комитет за имунизација кој се води според европските и американските препораки и само ги пресликува на национално тло.

– Многу се дебатира околу домен РБД антителата, па така постои студија којашто споредува чиј имунитет е подобар, дали на вакцинираните или на прележаните. Во студијата се прави анализа на РБД (домен врзувачки рецептор) антителата на тие што прележале и на тие што се вакцинирале, а не прележале ковид. Студијата покажува дека антителата што се создале како одговор на вакцината поефикасно таргетираат повеќе варијанти на Сарс-Ков 2 споредено со антителата добиени со прележување. Ова докажува дека прележаните може да имаат дополнителна корист од вакцинацијата, тврди доктор Мехмедовиќ додавајќи дека имунитетот стекнат со вакцина е поквалитетен.

Слично е мислењето и на министерот за здравство Венко Филипче, а на тоа се темели и националната политика за имунизација.
Д-р Венко Филипче

– Сè сублимирано што знаеме е дека имунитетот од вакцината штити многу повеќе од прележана болест. Има една студија која вели дека оние што се вакцинирани може да заболат со ризик од 0,07 проценти, а од прележаните може да заболат 1,2 проценти. Што значи дека кај нив е поголем ризикот. И оттука е таа препорака што пократко време по прележувањето да се прими вакцина, за околу 45 дена. Тоа е нешто што дополнително на граѓаните им го штити здравјето, изјави Филипче на прес конференција, а подоцна додаде дека во разговори со претставници на фармацевтската компанија Фајзер, се поизвесно е дека во иднина ќе биде потребна и трета бустер доза за вакцинација за да се осигура ниво на имунитет кој е солиден.

Центарот за контрола и превенција на болести на Американците им препорачува вакцина само после 10 дена од прележувањето на болеста ако поминале без симптоми.

Директорот на Институтот за имунологија, доктор Александар Петличковски за „Слободен печат“ вели дека има прилично сериозни податоци кои укажуваат на тоа дека природниот имунитет е подобар од вакциналниот имунитет, но дека тоа не значи дека граѓаните треба да трчаат по инфекција за да имаат подобар имунитет против ковид, затоа што и вакциналниот имунитет е споредлив. Информациите на доктор Петличковски се темелат на израелска студија која била спроведена на огромна група испитаници.

Д-р Александар Петличковски

– Оваа студија потврдува дека природниот имунитет е многу солиден. Израелската студија е спроведена на огромна група испитаници и потврдува дека луѓето кои имаат поминато ковид, поретко се инфицираат со Сарс Ков 2 отколку луѓето вакцинирани со две дози. А најдобар имунитет, пак, имаат луѓето кои имаат поминато болест и имаат примено една доза вакцина. Сето ова се однесува на вакцината на „Фајзер“. Три групи испитаници се анализирани. Едните се само прележани, другата група прележани и вакцинирани со една вакцина Фајзер и третата група, немаат прележано болест, а примиле 2 вакцини од Фајзер. Кога ги споредуваат прележаните наспроти вакцинираните, вкупно има 32 илјади луѓе. Шеснаесет илјади прележале ковид, наспроти 16 илјади вакцинирани, а непрележани. Во групата прележани има 19 инфекции. Во групата вакцинирани има 238 инфекции. Тоа е 13 пати разлика. И вакциниран и прележан човек, може да се случи во носот да има вирус и да има позитивен ПЦР-тест. Од оваа вкупна бројка на 238 лица во групата на вакцинирани, само 8 стигнале во болница. Ама во другата група, кај прележаните, само еден стигнал во болница. Тоа покажува дека природниот имунитет е подобар и по однос на инфекции споредено со вакциналниот и по однос на завршување во болница, објаснува д-р Петличковски.

Израелците по шест месеци ја препорачуваат и третата доза и ревакцината кај тие со прележан ковид што оздравеле, бидејќи по 6 месеци почнува да се намалува имунитетот.

– Имунитетот се сведува на нула после 6 месеци, но ако има група на испитаници кои прележале скоро и група на испитаници што прележале пред повеќе од 6 месеци, во тие прележани пред повеќе од 6 месеци ќе има повеќе реинфекции. За да се спречи тоа, има трета доза на вакцина. Најдобрата комбинација за имунитетот е откако ќе се прележи инфекцијата да се прими една вакцина која дава уште подобар имунитет, објасни за „Слободен печат“ професор доктор Петличковски.

Тој додава дека со трета доза луѓето треба да се вакцинираат по шест месеци, а во препораките за некои земји и по 8 месеци. Некои имунокомпромитирани граѓани, треба да се вакцинираат и порано од шест месеци по прележувањето на болеста. Но, има клучна работа кога станува збор за имунитетот кај тие што прележале, а тоа е фактот што тој имунитет не е униформен.

Што е логиката во тоа што се препорачува вакцинација па вакцинација? Луѓето кои стекнуваат имунитет со прележана болест имаат неуниформен имунитет. Некој создава многу силен, некој помалку силен имунитет. Вакцините се многу предвидливи по однос на имунитетот што го создаваат. Кај сите создаваат униформен одговор. Затоа препораката е вакцинирање и вакцинирање. Никако ова не смее да се сфати дека треба да трчаме по инфекции за да имаме подобар имунитет. Вакцините создаваат навистина многу споредлив, многу добар имунитет. Но кога ќе ги споредиме, многу е јасно дека природниот имунитет е поефикасен и за него се знае дека барем шест месеци трае. Така што, логиката е по шест месеци од прележување на болест да се оди со една доза, посочи професорот.

Пункт за вакцинација СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје
Со доктор Петличковски се согласува и професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски. Но тој смета дека први во редот треба да се незаштитените граѓани, а дури потоа да се вакцинираат прележаните, идеално после 6 месеци.
Д-р Никола Пановски

– Вакцините против ковид спасуваат животи. Треба да се даваат на лица на кои им се потребни. Лично сум од групата на вакцинирани во март, не сум прележал ковид, но жестоко се борам за правата на прележаните. На прележаните од ковид треба да им се даде рок од најмалку 6 месеци за да се вакцинираат. Во меѓувреме, треба да се вакцинираат оние кои немаат заштита, па и оние со трета доза, кои се вакцинирани во февруари и март, меѓу кои се и здравствените работници. Дека природниот имунитет е посилен од вештачкиот, гледаме секојдневно, ние во лабораториите, матичните лекари, инфектолозите. А секој ден гледаме дека по три, особено по шест месеци дури и вакцинираните со Фајзер ја губат заштитата. Уште не е направена штетата, дајте им на прележаните рок од барем шест месеци да се вакцинираат. До кога ќе молчите колеги, мерката за вакцинација на прележан по 45 дена ја нема никаде во светот. Не е точно дека е препорака на СЗО, тие само велат дека најмалку еден месец треба да помине. Има трудови кои покажуваат дека прележаните 13 пати поретко се инфицираат од комплетно вакцинираните со две дози Фајзер, вели доктор Пановски.

Американците од септември почнаа да примаат трета бустер доза поради грижата дека ефектот од вакцините почнува да бледнее. Препораката Американците да се вакцинираат со трета доза доаѓа откако три студии на Центарот за контрола и превенција на болести покажале дека вакциналната заштита слабее како што поминува времето, иако вакцините се многу ефективни против хоспитализација и смртен исход. Во студија од Њујорк пак, се покажало дека ефективноста на вакцината да заштити од инфекција опаднала од 91 на 80 проценти. Никој не знае дали вакцините од еден производител ќе штитат подолго од вакцините од друг производител.

Националниот комитет за имунизација е дециден дека прележувањето на ковид 19 не е пречка за вакцинација и лицата кои ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат.

Имунитетот кој се создава по прележување на болеста како и самиот тек на болеста е индивидуален и може да биде комплетно асимптоматски со постигнување на послаб имунитет, до тешки облици и компликации и пролонгиран ковид, велат оттаму.

Дека вакцинацијата против ковид-19 има ефект, покажуваат и податоците на Министерството за здравство, според кои, смртноста од коронавирус е поголема во градовите каде е помал процентот на вакцинирани граѓани.

Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат.

Тетово, го пречека бранот само со 19% вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37%. Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30%, а бројот на починати со ковид е 73 – се вели во соопштението од МЗ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот