Инфлуенсер

Марин Гавриловски

Ако некогаш, за да можеш да се занимаваш со креирање информативни содржини, беше потребен одреден степен на едукација, искуство и знаење, контрола и слично, сега за да се биде популарен и влијателен, доволно е да се има мобилен телефон со камера и пристап до интернет. Другите атрибути никој не ги спомнува.

Развојот на модерните средства и начини за комуникација го олеснија пристапот до јавниот простор и овозможија информацијата да може да се шири забрзано и врз голем опсег на реципиенти. Социјалните мрежи само го забрзаа овој процес. Милијарди луѓе се вмрежено врзани на интернет и можат непречено да комуницираат меѓу себе, без други дополнителни посредници. Во минатото кога не било можно информацијата да се шири толку брзо и неограничено, оние што ги поседувале и ги контролирале конвенционалните средства за јавно информирање (весниците, радиото, телевизијата) биле тие што одлучувале што ќе се пушти во етерот, а што не. Денес состојбата се сосема поинаква, контролата е сведена на минимум и секој што има пристап до интернет, на некој начин може да биде информативен медиум и да влијае врз креирањето на јавното мнение.

Социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тик-ток и други, станаа медиум по себе, преку кои секоја информација, текст, слика, снимка, може да бидат достапни на целиот свет. Публиката се прошири до таа мера што планетарната популарност на личности, настани и слично станаа достапни за секој, без оглед дали си во Лондон, Њујорк, Скопје или во Зрновци; само со неколку кликови веќе сте на светската сцена. Овој феномен овозможи голем број луѓе преку своите објави, покажани интереси, духовитост, инвенција… да можат да влијаат врз јавното мнение. Тие луѓе во денешнината се познати како инфлуенсери (инфлуенс на англиски значи влијание).

И ако некогаш, за да можеш да се занимаваш со креирање информативни содржини, беше потребен одреден степен на едукација, искуство и знаење, контрола и слично, сега за да се биде популарен и влијателен, доволно е да се има мобилен телефон со камера и пристап до интернет. Другите атрибути никој не ги спомнува. Па, затоа, светот е преплавен со индивидуи кои само затоа што сметаат дека имаат нешто важно да соопштат, се сметаат себеси за инфлуенсери, па се впуштаат во коментирање и заземање ставови за најразлични теми за кои тие немаат ниту елементарно познавање, а камоли некоја стручна експертиза или релевантност. Тоа беше забележано за време на пандемијата со ковид-19 кога лица што немаа ниту елементарно, општо образование, се впуштија во анализа на тоа дали треба да се земаат вакцини или дали треба да се носат маски. Кога на тоа ќе се додадат и големиот број креатори на лажни вести, доаѓаме до ситуација кога просечниот реципиент на информација не е сигурен во точноста на информацијата дури и кога ја гледа со сопствените очи.

Од друга страна, пак, инфлуенсерството стана добро платена професија за оние кои мудро успеаја да ги откријат бенефитите од слободниот пристап до интернет. Па, така, има случаи на сериозно, темелно и професионално занимавање со оваа нова професија. Се разбира, оваа група луѓе е многу помала од онаа на необразованите сезнајковци кои многу лесно преминаа од медицински експерти во воени стратези кога пандемијата ја замени војната во Украина.

Кога наполнив педесет години, решив, по принципот „сакам сè што сакаат младите“ да отворам мој профил на Инстаграм. Дотогаш бев присутен само на Фејсбук, бидејќи сметав дека таму има доволен број  алатки што овозможуваат човек да се искаже, претстави. На едно место може да се објави текст, слика, снимка. Но, моите деца ме убедуваа дека Фејсбукот е само за постари и дека младите се на Инстаграм. Ги послушав и се честев за мојот роденден со нов инстаграм-профил. Многу кратко време по отворањето на профилот, некои работи ми станаа јасни. Како, на пример, намалувањето на желбата на младите да читаат или да се искажат со зборови. Инстаграмот, на некој начин влијае врз „отупувањето“ на сетилата, како и врз функциите на мозокот што ја подобруваат креативната способност, односно способноста за критичко размислување. Ова од причина што Инстаграм го преферира објавувањето слики и снимки во однос на пишаниот збор, па така таму многу ретко може да се прочита нешто, а многу повеќе да се види.

Начинот на комуникација таму е исто така сведен на таканаречените емотикони (графички знаци) што само со еден клик и објавување еден карактер, односно слика, ја опишуваат состојбата, односно мислењето на оној што ги објавува. Доволно е да се стави „смајли“ или срце или лик што плаче за да се искаже своето мислење, наместо тоа да се напише со зборови. Втората работа што ја забележав е дека Инстаграм го претставува посакуваниот, односно нереалниот живот на лицата што се таму присутни. Сите на своите објави се насмеани, среќни, убаво облечени, згодни, на егзотични места и во скапи ресторани, додека реалниот живот го живеат одејќи на работа на смени, движејќи се со јавен превоз од фабриката до куќата на село во која живеат. Целата таа дискрепанција помеѓу стварноста и претставената фикција што постои помеѓу посакуваниот нереален живот на Инстаграм и реалниот живот во „трета смена“ ги прави луѓето несреќни, анксиозни и незадоволни, како дома, така и на работа, односно онаму каде што тие реално го живеат својот живот. За нив е битно само кој ги видел на Инстаграм и дали нивната објава била воочена, поздравена или популарно наречено „лајкната“ или не, и доколку посакуваното лице или лица не обрнале доволно внимание на тоа, тогаш депресијата и анксиозноста се зголемуваат. За жал, тоа е реалноста што ја живеат младите луѓе денес.

Од една страна, бесперспективноста на општеството кај нас и недавањето надеж за нормален живот на младата популација, наспроти розовиот виртуелен  свет во кој „живеат“ младите денес само го зголемува јазот помеѓу она што треба да биде нормален живот и она што е само посакувана имагинација или фикција. Разочаран од она што го видов на Инстаграм, се обидувам и на овој начин да ги пренесам моите негативни импресии за тоа во која насока се движи начинот на комуникација и креирање, влијание врз јавното мислење, сепак надевајќи се дека пишаниот збор и докажаните нешта и авторитетите од релевантните области уште долго ќе може да бидат извор и насока токму на креирањето на јавното мислење и неговата рефлексија на реалноста. Животот не се состои од црно-бели или во боја слики и видеа, проследени со блуткава мелодија. Тој е далеку посериозен и носи многу повеќе предизвици од една објавена фотографија, видео или музика. Кој тоа го сфатил навреме, ќе се смета за надежен кадар во било која област во животот. Сè друго е лук и вода. Надежта последна умира, па така е и кај вашиот старомоден инфлуенсер.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот