Инфлацијата јаде луѓе, Владата октоподи

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Владата треба да знае дека не им е на сите до октоподите што таа си ги нарача. Некои се прехрануваат со обично лепче и сиренце, а за да може да си го обезбедат и тој скромен оброк, треба да се заузди инфлацијата. Тоа не е едноставна формула

Високите цени на млечните производи како никогаш досега ги обединија луѓето. На социјалните мрежи има масовни повици за бојкот на купување сирење и кашкавал, се прават посебни групи за да се направи спој меѓу производителите на земјоделски производи и меѓу граѓаните, се посочуваат места со поевтини артикли, дури и се постираат рецепти како да се направи сирење или урда од домашно млеко.

Чашата на незадоволство дефинитивно се прелеа со млекото. На граѓаните им зовре крвта откако кравјиот кашкавал почна да се продава по цени повисоки од 600 денари, кога еден килограм кравјо сирење стана 400 денари, литар трајно млеко 70 денари, јунешкото месо над 650 денари…

Изнервирани од цените се и во Владата. Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека неколкупати ги предупредиле производителите на млечни производи да се однесуваат разумно, министерот за економија Крешник Бектеши одвај чека да се изгласа Законот против нефер трговски практики, но факт е дека сега храната станува недостапна за сѐ поголем број граѓани и слаба утеха за нив е лутината на владиниот врв.

Фактот што Македонија има највисока инфлација во регионот покажува дека кај нас нешто не штима, односно дека Владата не се снајде во определувањето на мерките. Кога цените на берзите растеа таа ги ограничи крајните цени на производите, а ние сме увозно зависни, па мерката се покажа како лоша. Сега, кога цените на храната на берзите се намалуваат, само за мал дел производи има ограничена маржа. Во таков амбиент, некои производители и трговци со храна најдоа „село без кучиња“.

Јасно е дека струјата е многу поскапена, во некои денови и за 15 пати повеќе отколку во преткризниот период. Јасно е дека и земјоделските производи поскапеа, затоа што и нафтата и ѓубривата многу поскапеа, се зголеми и откупната цена на млекото, поскапеа и транспортот и амбалажата, но ако министерот за економија вели дека не е фер во криза да се прават добивки – јасно е дека нешто смрди.

Владата мора да си најде начин како да ја заузди инфлацијата. Тоа не е едноставна формула. Треба да им помогне и на земјоделците и на компаниите, особено околу електричната енергија, а можеби треба да ги ограничи и цените на основните прехранбени производи. Институциите се платени да носат соодветни економски политики од кои ќе бидат задоволни сите – и земјоделците, и компаниите, и граѓаните, а кризните приоди се само тест за тоа што знаеле, односно што не знаеле да направат.

Секако, за одржувањето на ценовната стабилност одговорна е и Народната банка, која во неколку наврати ја зголеми основната каматна стапка преку која треба да се зголемат каматите на кредитите и на депозитите, со што треба да се дестимулира земањето кредити за да не се креира зголемена потрошувачка, а од друга страна да се стимулира штедењето. Иако во теоријата ова е класичен одговор на инфлациските притисоци, дел од експертската јавност е загрижена дека на овој начин граѓаните ќе треба да враќаат повисоки рати, како и дека во време кога прехранувањето станува проблем за најголем дел од населението, штедењето и не е некоја опција.

Дефинитивно, во ова време на висока, двоцифрена инфлација очите и на народот и на компаниите се свртени кон Владата и кон креаторите на нејзините политики. Владата треба да знае дека не им е на сите до октоподи, што таа си ги нарача. Некои се прехрануваат со обично лепче и сиренце. А, ако успеат да си направат и ајвар со овие цени, тоа ќе биде одличен погодок. Искрено, и на овие од Владата би им било подобро да јадат ајвар со сирење. Сите истражувања покажуваат дека е најздраво секој да си се храни со својата локална храна. Така, поздрави и поумни, можеби побрзо ќе се сетат како да ја зауздат инфлацијата!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот