Инфлацијата ја зголемува и менструалната сиромаштија во Србија

Годишната инфлација од околу девет проценти и просечна годишна инфлација од околу 13 проценти ќе влијае и на влошување на менструалната сиромаштија во Србија, што ќе им го отежне пристапот на девојчињата и жените за санитарни производи за менструална хигиена.
Менструалната сиромаштија, иако долго време запоставено прашање, полека доаѓа во фокусот на медицинските, социјалните и политичките дијалози. Тоа подразбира недостапност на менструални производи, санитарни јазли и едукација за менструалната хигиена, пишува порталот Машина.
Истражувањата покажуваат дека во 2021 година, над 500 милиони жени ширум светот живееле во услови на менструална сиромаштија. Бидејќи менструацијата е природен процес низ кој жените и девојките поминуваат во просек еднаш месечно во текот на целиот репродуктивен период, кој се проценува на околу 3000 дена, односно цели осум години менструација, менструалните производи не се луксуз, туку неопходни производи кои се потребно на редовна основа.
Истражувањето за менструалната сиромаштија спроведено од Здружението за човекови права и граѓанско учество ПаРитер на крајот на 2020 година покажа дека поради превисоките цени, повеќе од една третина од жените биле принудени да купуваат производи за менструација со послаб квалитет, а повеќе од 10 отсто немаат можност да купат доволно количество за редовно да ги менуваат, а исто толку немале воопшто доволно средства да купат средства за хигиена или лекови против болки за време на менструацијата.
Според економската политика во Република Србија, влошките и тампоните се луксузна стока, бидејќи данокот на додадена вредност (ДДВ) на овие производи е 20 проценти, пренесува Н1 Србија.