Инфективното одделение во прилепската болница е пред постојани предизвици

Прилепското инфективно одделение е полно со пациенти. Капацитетот од 30-тина легла е пополнет, ама битката за здравјето на пациентите не стивнува, вели раководителот на одделението, инфектологот Мирјана Крстеска. Крстеска признава дека во почетокот на пандемијата им недостигала организација, но сега, со помошта на специјалистите од другите одделенија во болницата, работата е поорганизирана.

– Сите месеци беа бескрајно турболентни. Такво искуство досега не сме имале. Признавам, во почетокот на пандемијата бевме по малку збунети, дезориентирани и не знаевме со што се соочуваме. Тоа беа турболентни денови и месеци, вели Крстеска на влезот од Инфективното одделение, каде постојано е навалица од пациенти кои сакаат да се прегледаат и да се тестираат.

Имало издигнувања и падови. За жал, доволно падови зашто одеднаш се создале голем број пациенти кои барале помош, барале надеж за утрешниот ден. Постоеле оптимистични, ама и премногу песимистични денови.

Сите месеци досега, според Крстеска, најголемиот проблем бил недостигот од персонал. Сега, кога напомош им се колегите, оптимизмот расте.

– Ни требаше сѐ, а најмногу персонал. Се снаоѓавме како знаеме и умееме. Така беше во многу средини. Ние се организиравме да им излеземе во пресрет на пациентите. Се случувало сами да ги „влечкаме” боците со кислород до пациентите. И јас, како и колегите, тоа го правевме. Тешки времиња, ама се чини, најбитен е оптимизмот, позитивната мисла да се истрае, вели Крстеска.

Крстеска неодамна ја преброди болеста. Заразата од ковид-19. Вели, не може да се рече дека беше грип. Имаше компликации. Сѐ уште е на боледување, ама е на припомош на колегите.

– Болеста ја поминав во домашни услови. Не може да речам дека беше обичен грип. Последователно се појавија компликации, но во глобала – ќе биде добро и ако човек гледа оптимистички на работите, нема да го фати паника, кусо одговара Крстеска, иако го губи здивот и при подолг разговор.

Последниве денови, со енормното зголемување на бројот на заболени од коронавирусот има премногу навалица. Според Крстеска, организацијата е најбитна.

– Последниве два дена сме повеќе организирани. Имаме вклучено повеќе лекари, сега во моментов се тројца. Од нив, еден работи на катот со лежечките пациенти, а двајцата со преглед на пациенти. Сѐ уште има навалица бидејќи се земаат брисеви, сега се на ред пациентите за преглед. Вкупно, медицинската екипа брои 15 души, објаснува Крстеска, која додека разговара вели размислува следно што да се направи. Кога ќе се умори, ќе направи пауза, па повторно да им биде на располагање на колегите.

Според инфектологот Крстеска, најбитни се позитивните ставови, но и одговорноста. Категорично вели: моќта не е кај лекарите, туку кај народот, во одговорноста.

– Моќта е во чистите раце на народот, и во силата на маските и во дистанцата. Ако народот не ни помогне, уште 100 доктори да донесеме и да ослободиме кревети, нема да може да стигнеме. За да нема карантин. За да се намали бројот на заразени. Да нема собири, забави. Тука е моќта, за да не расте бројот на заболени, категорична е  Мирјана Крстеска, инфектологот, раководител на Инфективното одделение при прилепската градска болница.

Во моментов на прилепското инфективно одделение се хоспитализирани 30-тина пациенти, а другите 30-тина се на одделенијата во болницата кои станаа ковид-центри. Тимот на Инфективното одделение се обидува да излезе на крај со предизвиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот