Инфантино и натаму инсистира да има Светско првенство на две години!

Џани Инфантино, претседателот на ФИФА/фото: EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино изјави дека реформата на фудбалскиот календар би можела да ги спречи фаталните последици од имиграцијата на Африканците.

Првиот човек инсистира на планот во иднина да се организира Светско првенство секоја втора година. Инфантино смета дека на Светско првенство на две години би можеле да се надеваат бројни земји.

– Мора да им дадеме шанса на сите, но да го направиме тоа достоинствено. Не со давање милостина, туку со овозможување на остатокот од светот да учествува. Мора да им дадеме шанса на Африканците и на тој начин да ги спречиме нивните ризични премини на Медитеранот во потрага по подобар живот. Таа потрага по подобро често завршува фатално, на овој начин можеме да го спречиме трагичното давење на мигрантите. Мора да им дадеме можности и достоиство – рече Инфантино.

Повеќе од 20.000 луѓе исчезнале додека се обидувале да го преминат Медитеранот на различни начини, според податоците собрани од Проектот за исчезнати мигранти, а Инфантино сега ја користи оваа ставка во своето лобирање како нешто што ја поддржува неговата идеја.

Европската фудбалска унија, водечките европски клубови и јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ експлицитно се спротивставуваат на планот да се организира Светско првенство на секои две години, но затоа Африканската конфедерација ја даде својата поддршка за проектот на Инфантино.

На членовите на ФИФА им беше објаснето дека промената на календарот и префрлањето на двегодишниот формат на најголемото фудбалско натпреварување во светот ќе генерира околу 3,3 милијарди фунти повеќе од сегашниот формат.

Видео на денот