Индустриска акција

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Лондон, а и добар дел од земјата, оваа недела беше парализиран, зашто штрајкуваат возачите и персоналот на возовите и на метрото. Луѓето не можат да стигнат на работа, на испити, во болници, во театри, ресторани, на шопинг, од оваа, како што ја нарекуваат тука „industrial action“ страда целата индустрија. Веќе е пресметано дека бизнисите претрпеле милиони загуби. Штрајкувачите бараат поголеми плати, подобри пензии и посоодветни услови за работа.

Излегуваме од продавницата благо пребледени, се погледнувам во излогот, можеби имаме и некоја нијанса на жолто, накај зелено. Маж ми, типично за него, чекори бодро и се однесува како да не било ништо, ама јас, да ви кажам право, сум целата испотресена, колената ми се како шпагети преварени (од оние што не се залепуваат за плочките над шпоретот за да бидат „ал денте“) и чувствувам како почнува да се развива главоболката што има голема шанса да премине во мигрена.

Сто триесет и шест фунти изнесува сметката што ја плативме во нашата локална самопослуга и ни требаше време да се соземеме. Купивме кавијар? Не. Шампанско? Не. Јунешко месо, од она јапонското кога рачно ги масираат телињата за да бидат релаксирани, весели и расположени пред да им ги заврзат очите и во присуство на зен музика да им пријдат од грб со ножот? Ама никако. Најобичен шопинг. Нај-о-би-чен. Знаете, она за двајца. Месо, риба, млеко, сирење, кашкавал, овошје, зеленчук, кафе, кисело млеко, кефир, црн леб со семки… главно тоа. О кеј, и некои други дрндупки и понекое шише вино, зашто виски и друг појак алкохол имаме во добри залихи дома. Понекогаш си велам дека треба да го пластифицираме, да го ламинираме списокот за самопослуга, зашто едни те исти работи купуваме при секое влегување, за што сведочат и списочињата што ги наоѓам по чантите и во џебовите на палтата и секогаш се релативно исти, со малку разлики. А списочиња треба, искуството ме научи дека без нив влегувам во продавница убедена дека ќе купам сè што треба, а излегувам со дузина непотребни, помалку потребни работи и без леб и тоалетна хартија. Оној црниот со семки и онаа меката со четири слоја и воздушни перничиња.

Поскапи сè

Имаме инфлација. Поскапи сè – од облека, храна, струја, вода, комуналии, гас, станови, станарини, градежни материјали, градинарски материјали, а за бензинот и да не зборувам. Еден резервоар во просек е околу сто фунти, па почна да се краде и бензинот. Ама не онака „по маалски“, со црево, па шмукање, па во канта туку – ве шпионираат на бензинска кога ќе го наполните резервоарот до горе, ве следат до дома и во текот на ноќта, додека вие мирно или помалку мирно (во зависност од тоа дали сте биле во самопослуга или не) спиете, ви го крадат бензинот со специјални бесшумни пумпи, кои имаат капацитет да „префрлат“ педесет литри за неколку минути.

Според сајтот „next door“, каде што лондончани си ги споделуваат информациите и маките, сè повеќе се крадат и автомобили од пред врата, сајберкриминалот е во пораст, а емисиите на телевизија за измамени и ограбени луѓе од сите возрасти, но посебно од повозрасната генерација кои префрлаат пари на измамници што се претставуваат како финансиски експерти или претставници на банките. Ова  толку ги загрижи банките што тие имаат оддели за борба против овој вид криминал, зашто ако измамата е со дебитна или со кредитна картичка, тие  главно мора да им ги вратат парите на своите коминтенти, измамени од онлајн измамниците.

Масовни штрајкови

Лондон, а и добар дел од земјата, оваа недела беше парализиран, зашто штрајкуваат возачите и персоналот на возовите и на метрото. Луѓето не можат да стигнат на работа, на испити, во болници, во театри, ресторани, на шопинг, од оваа, како што ја нарекуваат тука „industrial action“ страда целата индустрија. Веќе е пресметано дека бизнисите претрпеле милиони загуби. Штрајкувачите бараат поголеми плати, подобри пензии и посоодветни услови за работа. Транспортните работници преговараат со сопствениците на компанијата, но бараат и помош од владата, која помагаше за време на пандемијата.

И просветните работници велат дека владата мора да го слушне нивниот гнев, во спротивно најавуваат дека подоцна годинава ќе ги остават училниците  празни. Штрајк најави и „Бритиш ервејз“, а со прекини на работа се заканија  и адвокатите, поштенските работници, лекарите, медицинските сестри, инженерите на „Бритиш телеком“,  возачите на автобуси и јавните службеници.

Џонсон во Руанда

И што направи владата? Премиерот Борис Џонсон отиде таму каде што го сакаат, во Украина, а потоа и во Руанда, каде што се случува конференцијата на земјите членки на Комонвелтот. Често се случува кога има проблеми во земјата, Борис да го нема. Во Руанда инаку е и престолонаследникот, принцот Чарлс, со кого можеби ќе се сретнат и ќе разменат или нема да разменат некој збор за британскиот план за авиопревоз со билет во еден правец на имигранти од Лондон за Кигали. Принцот приватно се изјаснил дека тоа е нехумано, ама па тој нема влијание врз британската политиката туку е таму да ја замени кралицата.

Но владата, која има влијание врз она што се случува во државата, најави дека има решените за штрајковите. Во зависност од тоа дали парламентот ќе одобри, донесени се пакет мерки со кои во следните недели ќе им се олесни на бизнисите. Што смисли владата, ве слушам како прашувате? Дали тоа тука е пронајден волшебниот лек? Ќе има покачување на платите? Или ќе се пратат штрајкувачите, или  барем нивните лидери во Руанда? Не. Владата соопшти дека ќе ги укине ограничувачките закони и ќе им овозможи на бизнисите да користат работници од агенциите за да ги покријат дупките за време на штрајковите. Како да се повторуваат осумдесеттите и времето на Маргарет Тачер? Впрочем, Џонсон никогаш не криел дека таа му е еден од идолите.

Додека Џонсон е во Руанда, на два избори за членови на парламентот поради оставки на претходните,  конзервативците загубија катастрофално – на сметка на лабуристите и либерал демократите. И уште неразбуден, во раните утрински часови оставка му поднесе партискиот претседавач Оливер Дауден, најверојатно за да не мора да објаснува за причините за загубите и да го брани лидерот на партијата. Нека си поседи премиерот во Руанда. Го видовме таму во едно училиште со деца, насмеан, како игра и пее. Тука нема да има ништо ни за смеење ни за пеење. Ама веќе почнаа игрите за негова смена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот