Индустријата нарушена поради глобален недостиг на чипови

Чипови
Чипови / Фото: EPA/YONHAP

Акциите на полупроводниците паднаа на глобално ниво поради недостиг на чипови. За ова предупреди и американското Министерство за трговија.

Истражувањето на повеќе од 150 компании покажа дека залихите паднале од просечни 40 дена во 2019 година на само пет дена на крајот на 2021 година.

Продажбата на електронски уреди се зголеми за време на пандемијата, оставајќи ги производителите на полупроводници да се борат да бидат во чекор со побарувачката. Недостигот резултираше со големи нарушувања во големите индустрии.

Милиони производи – автомобили, машини за перење, паметни телефони и друго – се потпираат на овие чипови, познати и како полупроводници, пишува Би-Би-Си.

-Со рапидно растечката побарувачка и целосно искористување на постојните производствени капацитети, јасно е дека единственото решение за долгорочното решавање на оваа криза е обновата на нашите домашни производствени капацитети, вели американската министерка за трговија Џина Рајмондо.

Истражувањето покажа дека побарувачката за полупроводници минатата година била за дури 17 отсто поголема отколку во 2019 година.

Во меѓувреме, демократите во Претставничкиот дом на САД во вторникот претставија нацрт-закон со цел зголемување на конкурентноста на САД со Кина и трошење 52 милијарди долари за производство и истражување на полупроводници, откако Сенатот ги одобри средствата во јуни.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден се обидува да го убеди Конгресот да одобри финансирање за зголемување на производството на чипови во САД, бидејќи недостатокот на клучни компоненти ги влоши тесните грла во синџирот на снабдување.

Минатата недела Интел соопшти дека во американската сојузна држава Охајо ќе инвестира 20 милијарди долари во изградба на најголемиот комплекс за производство на чипови во светот.

Во ноември, Самсунг објави дека избрал локација во близина на американскиот град Тејлор, Тексас за својата нова фабрика за компјутерски чипови од 17 милијарди долари.

Се очекува фабриката да биде пуштена во употреба во втората половина на 2024 година, а тоа е најголемата американска инвестиција на јужнокорејскиот електронски гигант.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот