Индонезија со поинаков пристап за имунизација на населението: Постарите ќе почекаат, прво да се вакцинираат младите и работоспособните

Фото: EPA-EFE/MADE NAGI

Индонезија е најпогодената земја од заразата во појасот на Југоисточна Азија, а особено лоши резултати се забележани во економијата, како резултат на затвoрaњата и ограничувањата. Раководството на оваа земја се соочува со прогнози за тотален колапс на економски план, па затоа приоритет во првата фаза на вакцинацијата ќе бидат вработените чии работни позиции се оценети како повеќе изложени на заразата, а потоа ќе се продолжи со работоспособните луѓе на возраст од 19 до 59 години

Во речиси сите земји во кои пред крајот на минатата година започна имунизацијата на населението од ковид-19, приоритет имаат постарите лица, а први во редот беа корисниците на геријатриските домови, кои со право се вметнати во најризичната категорија. Но, барем во една земја, во која пристигнаа вакцините, беше изготвен сосема поинаков план за имунизација.

Индонезија е најпогодената земја од заразата во појасот на Југоисточна Азија, а особено лоши резултати се забележани во економијата, како резултат на затворањата и ограничувањата. Раководството на оваа земја се соочува со прогнози за тотален колапс на економски план, па затоа приоритет во првата фаза на вакцинацијата ќе бидат вработените чии работни позиции се оценети како повеќе изложени на заразата, а потоа ќе се продолжи со работоспособните луѓе на возраст од 19 до 59 години. Токму затоа, 59-годишниот претседател на Индонезија, Јоко Видодо, беше првиот што ја прими вакцината во земјата, но неговиот заменик, Маруф Амин кој наполни 77 години, воопшто го нема на списокот.

– Вакцинирањето е важно за да се спречи пренесувањето на ковид-19 и да му се овозможи заштита и сигурност на секој граѓанин на Индонезија, со што ќе се помогне во забрзување на економското закрепнување на државата, изјави Видодо.

Групите што најмногу го шират вирусот

Професорот Амин Соебандрио е главниот промотор на кампањата „прво младите“, во стручната комисија која ја советува владата во обидот да се изготви ефективна програма за имунизација. Тој вели дека има логика во одлуката да се вакцинираат тие што наутро ја напуштаат куќата, времето го поминуваат на повеќе места, а навечер им се враќаат на своите семејства.

– Ние ги таргетираме групите кои најмногу го шират вирусот, вели Соебандрио.

Професорот смета дека таквиот пристап на земјата ѝ дава најголема шанса да дојде до посакуваниот „имунитет на стадо“, што би можело да се постигне само доколку поголемиот дел од популацијата на една заедница стане имуна на вирусот.

Досега преовладуваше мислењето дека 60-70 проценти од популацијата ќе бидат доволни за да се обезбеди целосната имунизацијата, но новите мутации на вирусот кои беа регистрирани последните недели се закануваат да ја рашират заразата во поголемиот дел од популацијата.

– Тоа е нашата долгорочна цел, бидејќи се надеваме барем осетно да го намалиме ширењето на вирусот, да ја вратиме контролата врз здравствениот систем и потоа да се посветиме на економијата, вели професорот.

Според националната програма, се проценува дека ќе биде доволно да се вакцинираат две третини од 270 милиони жители на Индонезија за да се постигне колективен имунитет, а трошоците за таа програма се очекува да изнесуваат повеќе од 5,26 милијарди долари.

– Имунизацијата на работоспособното население ќе значи дека луѓето што одат на работа, нема да го носат вирусот дома, соопштија од здравствена комисија, која од прогласувањето на пандемијата ја советува владата за преземените мерки на заштита.

Индонезискиот министер за здравство Буди Гунади Садикин истакна дека до февруари ќе бидат вакцинирани речиси 1,5 милион здравствени работници, а потоа следуваат јавните службеници и општата популација во рок од 15 месеци. Крајната цел е да се имунизираат 181,5 милион луѓе.

Парализирана економија

Статистиката покажува дека најголемиот дел од заразените во Индонезија, над 80 проценти, спаѓа на работните луѓе, што во најтешките моменти по епидемиолошката слика, значеше и делумна парализа на економијата.

Во земјата се нарачани 330 милиони вакцини, од кои најголем дел отпаѓаат на кинеската вакцина „Коронавак“, чија ефикасност беше ставена под знак на прашање по последно направените тестови.

Бразилските истражувачи наведуваат дека вакцината кај нив била ефикасна кај само 50,4 проценти од случаите. Турските истражувачи, пак, минатиот месец потврдија дека кинеската вакцина покажала ефикасност од 91,25 отсто врз основа на прелиминарните податоци. Индонезиските тестови се на половина, откако беше утврдена ефикасност на овие вакцини од 65,3 проценти.

Во земјата се обезбедени и поголеми количини на вакцините од „Фајзер“ и „Астра-Зенека“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот