Инвеститорите вчера беа воздржани поради економските показатели кои не дадоа јасни сигнали.
На „Wall street“ во текот на вчерашниот ден берзантскигте индекси забележаа пад, бидејќи паднаа цените на акциите на неколку технолошки гиганти и бидејќи инвеститорите се обесхрабрија од сеуште високото ниво на невработеност во САД.
„Дау Џонс“ ослабна за 135 бодови или 0,5 отсто на 26.734 бодови, додека „S&P 500“ се лизна на 3.215 бодови, а „Nasdaq“ 0,73 отсто, на 10.473 бодови.
Падот на овие индекси, по дводневниот раст, е последица меѓу другото и на корекцијата на цените на акциите на технолошките гиганти како што се „Епл“ и „Микрософт“ кои до неодамна непрекинато бележеа раст пишуваат специјализираните медиуми.
– Тоа е добар показател дека парите се „преливаат“ од презаситениот „Nasdaq“ индекс во другите сектори кои би требало да зајакнат кога економијата цврсто ќе застане на нозе, вели Ендрју Смит, стратег во компанијата „Delos Capital Advisors“.
Но, инвеститорите вчера беа воздржани и поради економските показатели, кои не дадоа јасни сигнали.
И на европските берзи цените на акциите забележаа пад. Лондонскиот „FTSE“ индекс ослабна за 0,67 отсто на 6.250 бодови, додека франкфуртскиот „DAX“ се лизна за 0,43 отсто на 12.874 бодови, а парискиот „CAC“ за 0,46 отсто на 5.085 бодови.