Инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ отфрлена: Собирањето потписи ќе биде попис на опозиционерите

Фото: facebook

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе продолжи да собира граѓански потписи за поништување на Законот за попис, откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја одби доставената иницијатива затоа што во неа не е употребено уставното име на државата.

Планот е собирањето на граѓанските потписи да оди неофицијално, по пунктови, плоштади и пазари во градовите и во селата, а не во подрачните единици на Министерството за правда, како што е предвидено со законот. Од партијата велат дека и таа иницијатива ќе ја адресираат на „Собрание на Република Македонија“, зашто, како што велат, тие не се срамат од тоа име.

– На седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот – изјави Мицкоски.

Тој вели дека „власта сака по секоја цена да спроведе фалсификат“.

– Заев знае дека турка попис кој не го прифаќаат граѓаните. Власта е збунета и тоа се гледа по настапите на првите лица на Државниот завод за статистика – вели Мицкоски.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски за „Слободен печат“ вели дека претседателот на парламентот Џафери постапил според Уставот. 

– Не е коректно состојбите  внатре во партијата Христијан Мицкоски да ги покрива со постапки кои се спротивни на Уставот. Во сите иницијативи до Собранието, кои ги поднесуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ досега, го почитуваа уставното име, како Собрание на РСМ. Не е добро претседателот на партијата Мицкоски да си ги понижува своите пратеници и да постапува вака – вели Мисовски.

Премиерот Зоран Заев ги отфрли обвинувањата дека се подготвува некаков фалсификат и нагласи дека пописот е статистичка операција што мора да ја направиме, бидејќи тоа е наша должност.

– Работиме овде во Владата, во општините, градоначалниците, сите јавни државни и локални претпријатија, сите приватни фирми, па дури и целиот наш народ во магла, во матно – рече Заев.

Тој смета дека одлагањето на пописот нема ништо да смени, и дека најмногу пописот може да се одложи до мај, но тоа е непотребно.

– Треба да се фокусираме сите одговорно да излеземе да го завршиме пописот. Ако сме држава треба и државнички да се однесуваме. Пописот е насушна потреба во интерес на сите граѓани – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот