Инцидент во Францускиот конзулат во С. Арабија: Ранет стражар, уапсен напаѓачот

Фото: EPA-EFE/STR

Уапсен е напаѓачот, кој со нож полесно повреди стражар пред Француската амбасада во Џеда, објави саудиската државна новинска агенција. Портпаролот на полицијата во Џеда потврди дека специјалните сили за обезбедување го уапсиле напаѓачот, саудиски државјанин на возраст од четириесетина години, додека стражарот е во болница. Во саудискиот извештај не се наведува мотивот за нападот.

Тензиите меѓу Франција и исламскиот свет се зголемени по убиството на наставникот кој на учениците им покажувал карикатури со пророкот Мухамед. Претседателот на Франција, Емануел Макрон потенцира дека ќе „продолжи да ги брани“ спорните карикатури, дека нивното објавување е дел од слободата на изјаснување и најави уште посилна борба против радикалниот ислам.

Амбасадата на Франција во Ријад го осуди нападот и апелира до своите државјани да бидат во „максимална приправност“.

Во Саудиска Арабија, дом на најсветите места на исламот, имаше критики на сметка на Франција, но многу поблаго одошто беше случај во други земји. Саудиското Министерство за надворешни работи соопшти дека „отфрла секаков обид за поврзување на исламот и тероризмот и ги осудува навредливите карикатури за пророкот“.

Жестока критика за карикатурите упатија саудиските свештеници, цитирајќи го пророкот Мухамед – „милост, правда, толеранција“ додека истакнат шеик ги повика муслиманите „да не претеруваат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот