Инцидентот со лицето ХП, случајност или добро подготвено сценарио

Марин Гавриловски

Да си го поставиме прашањето: Кој профитира од нестабилноста на Балканот и кому тоа му одговара? Македонија, Бугарија, Србија или Косово или која било друга земја е беззначајна за да се анализира поединечно и затоа стабилноста на целиот Балкан треба да се гледа заедно во однос на целокупните случувања во светов перидов.

Бугарските власти како едвај да чекаат да избие некој дури и мал и беззначаен инцидент за со тапани и на цел глас да извикуваат дека Македонија води антибугарска политика и дека не и е местото во ЕУ. Од друга страна пак, македонската дипломатија, предводена од Бујар Османи, секоја прилика ја користи за да и се додвори на Софија иако тие напори не наидуваат на било каква, а најмалку позитивна, реакција на бугарската страна, напротив.

Последните инцидети поврзани со претепувањето на лицето ХП (приватно потенцијален дилер или кокаиноман или и едното и другото, а официјално скретар на здружението на граѓани кои себеси се сметаат за Бугари, „Цар Борис 3“ од Охрид) и одбележувањето на моментот кога една Бугарка убила еден србин во Скопје за време на српската окупација (или администрација, кој како милува) на Македонија, само ја потврдуваат оваа констатација.

Имено, минатата недела мал број на бугарски граѓани од Бугарија, дојдоа во Скопје, на местото каде за време на Втората светска војна бугарските несомнено окупациони власти поставиле спомен обележје сакајќи да го одбележат местото на кое Мара Бунева, терористка од Македонија со бугарско национално чувство, извршила атентат врз српскиот полициски началник Велимир Прелиќ во 1928 година, во период кога и српската и бугарската пропаганда на најјако ја имаа пуштено асимилаторската политика врз македонското население.

Неколку дена подоцна, во тепачка во Охрид му беше скршена вилицата на лицето ХП, секретар на здружението на граѓани кои се чувствуваат како Бугари од Охрид. Пред воопшто, обвинителството да излезе со соопштение за причините за тепачката, од официјална Софија стигнаа лавини од реакции во кои остро се осуди нападот на лицето ХП кој бил предизвикан само затоа што тој се чувствувал дека е Бугарин, а на лицата кои го тепале тоа не им се допаѓало. Патем, станува збор за лице кое разбудувајќи се едно утро ја соблекол маичката со сонцето од Кутлеш и на плоштадот во Охрид (симболично) ја развиорил бугарската тробојка извикувајќи : „Охрид е бугарски град“, откако претходно ги примил триесетте сребреници кои ги употребил за да купи кокаин.

Со други зборови, главниот столб на бугарштината во Македонија олицетворен во лицето ХП, бил член и симпатизер на ВМРО ДПМНЕ за што сведочат бројни фотографии на кои тој е сликан со три дигнати прста и на кои се наоѓаат високи раководители на оваа партија меѓу кои и Христијан Мицкоски. Потоа, желбата да се фотографира со „познати“ личности, се префрла од „нашето“ ВМРО, на бугарското ВМРО, па следат фотографии со познатиот македономрзец и казнуван (поради покажување на нацистички поздрав во салата на Европскиот парламент и персона нон грата во најава) европратеник Џамбаски и со сега веќе подзаборавениот Каракачанов за кого на последните неколку изборни циклуси не гласа скоро никој, па дури ни оние кои преку неговата „приватизирана“ Агенција за бугарите во странство добија бугарски државјанства (за што во бугарската јавност имаше афера со земање на мито).

Причината за ова „престројување“ на  лицето ХП се дозна два дена по инцидентот во Охрид откако МВР излезе со соопштение дека при преглед извршен во атарот на селото Лескоец во близина на Охрид, кај лицето ХП е пронајден и одземен кокаин и против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, па најверојатно тој под дејство на овие супстанци можеби ни самиот не бил свесен со претставници на кое ВМРО се слика.

Целиот овој циркус кулминираше со ,,специјалната воена операција,, во која Румен, Гулаб и Николај испратија бугарски државен авион за да го „евакуираат“ лицето ХП во Софија. Сега откако македонската и  бугарската јавност може да здивнат, бидејќи лицето ХП е на безбедно (што се однесуава до авторот на овие редови, тој може таму и да остане и воопшто да не се враќа), можеме да го поставиме прашањето кое од професионална гледна точка ме тишти, а тоа е: Како може ова лице слободно да ја напушти земјава, а против истото е поднесена кривична пријава, ако се знае дека за вакви кривични дела вообичаено се определува мерката притвор или во најдобар случај (за обвинетиот) му се одзема патната исправа?

Тука мора да се запрашаме, на кое „дереџе“ паднаа македонско бугарските односи? Бугарија имаше можност по распадот на СФРЈ да создаде од Македонија пријател, а двата блиски народа да почнат нова етапа од своите односи. Тоа можеа да го видат само визионери и луѓе со широки сфаќања како што беа претседателите Киро Глигоров и Жељу Желев, во чие време почна затоплувањето на односите меѓу двете земји. За жал, тој процес траеше многу кратко, а потоа дојдоа некои други политичари со други агенди кои ги упропастија македонско бугарските односи и можноста за соработка и пред се, создавање на клима на доверба и пријателство. Со последните настани од пред неколку години и бугарското вето за Македонија, се плашам дека  неповратно е изгубена таа шанса.

Кога се водеше дискусијата за тоа дали да се прифати или не таканаречениот француски предлог за дигање на бугарското вето и отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ, поголемиот дел од слободно мислечките интелектуалци, а тоа беше генерално и мислењето на големото мнозинство граѓани, беа на мнение дека тој предлог не треба да се прифати бидејќи тоа само ќе значи отворање на Пандорината кутија и увертира во зголемување на апетитите на бугарската страна. По неодамнешниве настани тоа станува кристално јасно. Оние кои го прифатија францускиот предлог сега, од оваа перспектива, сигурно жалат што го сторија тоа само за неколку фотографии и „тапкање“ по рамо од Брисел, кои веќе се избледнати во меморијата на граѓаните. Она што останува е горкиот вкус во устата дека проблемите со Бугарија допрва почнуваат и дека патот на Македонија кон ЕУ ќе биде препречуван со уште многу лица со иницијали ХП кои одработувајќи си ја својата агенда држат во заложништво цела една држава. Но, за жал, „к’сно е чедо резето падна“.

Сето ова е официјалната верзија на настаните, но ако малку загребеме под површината, целата оваа ситуација може да се гледа и од сосема друг аспект. Да си го поставиме прашањето: Кој профитира од нестабилноста на Балканот и кому тоа му одговара? Македонија, Бугарија, Србија или Косово или која било друга земја е беззначајна за да се анализира поединечно и затоа стабилноста на целиот Балкан треба да се гледа заедно во однос на целокупните случувања во светов перидов. Ако тргнеме од претпоставката CUI BONO, сознанијата кои македонските безбедносни служби ги имаат, а беа презентирани пред јавноста од страна на претседателот Пендаровски, особено за денот на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев (4 февруари), спремната реакција на официјална Софија на настанот од Охрид, доволно кажува дека во моментов се води оркестрирана и претходно подготвена операција чија цел е да се блокираат преговорите на Македонија со ЕУ, односно тоа да остане сè уште отворено прашање. Да повторам, тука Македонија игра споредна улога, односно акцијата не е насочена кон Македонија туку нештата се ставаат во неповолен генерален контекст – насочени кон загрозување на стабилизацијата на односите на Балканот и придружување на сите земји од регионов кон ЕУ, со што конечно би се затвориле отворените националистички претензии на сите земји кои го сочинуваат Балканскиот полуостров.

Главен поттикнувач на нарушување на односите на Македонија и Бугарија, последниов период е бугарскиот претседател Румен Радев. Тој со своите изјави кон Македонија, но генерално и изјавите кои ги дава за војната во Украина (една од неговите епски изјави е дека давањето на воена помош на Украина, би претставувало долевање на бензин во огнот. Што доволно зборува за неговиот про руски и анти НАТО став и тоа во мометот кога се водат преговори НАТО на Украина да и се даде значителна воена помош, што би можело да значи и пресврт во војната), може слободно да се каже дека истапува како портпарол на Кремљ, па оттука лесно може да се заклучи кој е неговиот налогодавач и која е неговата цел – Балканот да остане како резервно невралгично подрачје кое Русија може да го ескалира и да биде потенцијален втор фронт доколку состојбага во Украина се оттргне целосно од руска контрола.

Провокаторите не услеаа за време на настанот посветен на Мара Бунева и покрај острата реторика да испровоцираат негативна реакција од страна на Македонците. Ете, еднаш да се биде ,,Трпе,, и не е така лошо..За да може ситуацијата да ескалира пред 4 февруари сигурно било потребно да се направи некој нов инцидент и откако не успеала провокацијата со Мара Бунева, се пристапило кон создавање на нова кризна состојба предизвикана со претепувањето на една маргинална личност како што е лицето ХП, за да може тензијата да се држи до 4 феруари кога се очекува главниот инцидент кој доколку се случи, за подолг период би ги заладил односите помеѓу Македонија и Бугарија и би го зацврстил бугарското вето кое никогаш реално и не беше дигнато. Држењето на преговорите на Македонија со ЕУ затворени ќе значат и држење на тензиите и потпалување на национализмите и кај двете страни, што во крајна линија резултира со зголемување на дестабилизацијата во регионот, што, да повторам единствено и само и одговара на Русија.

Што се однесува до ЕУ и нејзините претставници, очекувано молчат. Не се од тука. Добра проценка; секој коментар на оваа тема би долил масло на ионака распируваниот огин на балканската глупост и ирационалност. Во покерот добива оној кој има камено лице…

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот