Инциденти и ноќни стражи на дневна основа

По повод одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев/ Фото: МИА

Македонски граѓани повикуваат на организирање ноќни стражи во црквата „Свети Спас“, а иницијативата ја поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Бугарски радикал сега повикува на тивко и мирно положување цвеќе, без провокации и без одговарање на провокации.

На една седмица пред настанот од висок безбедносен ризик – одбележување на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев – страстите истовремено се вжештуваат и се смируваат. И покрај апелите за мирно и достоинствено чествување поради очекуваното присуство на бугарски провокатори, македонски граѓани упатија повик за организирање ноќни стражи во црквата „Свети Спас“ каде што е гробот на Делчев за да „не се дозволи некој да го слави Делчев како Бугарин“. Иницијативата доби поддршка и од членови на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, кои најавуваат дека уште од петок попладне ќе дојдат да бдеат на гробот на великанот. На социјалните мрежи има и повици за блокади на патиштата што водат од Бугарија кон Скопје.

Од друга страна, иницијаторот за бугарско одбележување на годишнината, Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“, сега повикува на тивко и мирно положување цвеќе, „без провокации и без одговарање на провокации“, а во дискусиите на неговиот профил на Фејсбук има насоки да не се извикува дека Македонија е бугарска. Планот им е да се соберат во 11.30 на паркингот кај Кале, напладне, во група да оддадат почит и веднаш да се вратат во Софија, а за тоа ја известиле македонската полиција. Стојанов, заедно со европратеникот и радикал Ангел Џамбаски, се дел од лицата за кои Советот за безбедност препорача да им се забрани влез во земјата на 4 февруари.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика граѓаните да не организираат стражи и блокади, уверувајќи дека полицијата ќе ги искористи сите законски надлежности за да го осигури јавниот ред и мир и дека секој што ќе дојде ќе може мирно и достоинствено да оддаде почит, но и дека МВР апсолутно нема да дозволи понижување на македонските граѓани и народ, најмалку од некој однадвор.

– Нема да дозволиме некој да дојде и да нѐ понижува. Институциите ги преземаат сите мерки за ова очекување на граѓаните да биде реализирано – рече вчера Спасовски за „Утрински печат“.

Министерот повтори дека нема да открие каква одлука ќе донесе полицијата дента ако на граница се појави Џамбаски.

Бугарското МНР, пак, ќе испрати нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите кои на 4 февруари ќе дојдат во Скопје, информираше вчера шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, според кого, „клучно во моментов е да се обезбеди спокојство за Бугарите таму“. Милков вели дека Софија сака да постигне деескалација на тензиите и најави телефонски разговор меѓу двајцата премиери Димитар Ковачевски и Галаб Донев.

– Разговорот ќе биде со цел да се гарантира безбедноста на Бугарите таму, но и на оние што ќе заминат на одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Во минимален обем ќе има присуство и на претставници на бугарската амбасада – изјави Милков, додавајќи дека проблем е што Бугарите и лицата со бугарско национално чувство „немаат доверба во основните институции во Македонија“.

За најавите за забрана за влез на еден европратеник и неколку други лица од Бугарија Милков рече дека тоа би било настан без преседан и дека не му е познато дека досега две земји членки на ЕУ меѓусебно си прогласиле поединци за персона нон грата. Тој додаде и дека забрана за влез на европратеници во земја кандидат за членство во ЕУ е нелогична.
Милков вчера повтори и дека Бугарија нема да стави ново вето на европскиот пат на Македонија бидејќи, како што рече, тоа не е неопходно затоа што земјата не ни почнала преговори.

– Има јасен критериум. Кога Бугарите ќе бидат вклучени во Уставот, почнуваат преговорите. Тогаш веќе можеме да размислуваме до кој степен ги исполнуваат критериумите. Во моментов тоа не е потребно. Тие имаат јасен услов, тоа е европски услов, ратификуван од нашиот парламент и прифатен од нивниот парламент. Можеби затоа што гледаат што произлегува од тој услов, затоа сега таму се создаваат овие тензии – рече Милков.

Според него, амбасадорот Ангел Ангелов би можел да се врати во Скопје кога за тоа ќе се создадат соодветни услови, односно ако започне дијалог на високо ниво. За него, изјавата на македонското МНР дека одлуката на Софија за повикување на амбасадорот на консултации е неоснован, неаргументиран и непропорционален потег е знак дека „можеби таму не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата“. Милков е категоричен дека мерката е координирана на највисоко ниво и дека не е случајна одлука на ниво на МНР, туку е национален одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот