Ин мемориам: Замина посветениот естетичар и филозоф Георги Старделов

Македонската филозофија, естетика, есеистика и книжевна критика останаа без посветеното перо на академик Георги Старделов. Веста за неговото заминување ја споделија повеќе установи во кои е вградено неговото дело, како МАНУ, Филозофскиот факултет, Друштвото на писателите на Македонија. Академик Георги Старделов (Гевгелија, 28 август 1930 – 11 јануари 2021, Скопје) беше филозоф, естетичар, есеист, книжевен критичар, антологичар, теоретичар и историчар на културата. „Академик Старделов беше пример за длабок мислител, минуциозен аналитичар и во исто време инспиративен изведувач на синтези и творечки поврзувања, извонреден стилист и сугестивен едукатор, впечатлив оратор и секогаш интересен собеседник“, истакнаа од ДПМ, каде членуваше од 1957 година.

Акад. Старделов завршил Филозофски факултет, група филозофија, на Белградскиот универзитет (1953), а постфилозофски студии минал на повеќе германски универзитети (Минхен, Фрајбург и Франкфурт). Докторирал филозофски науки (1965) на тема „Развиток на естетиката кај јужнословенските народи“. Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956-1996), негов декан (1975-1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Друштвото на филозофите на Југославија и на Македонија, член на Европската академија на науките и уметностите, а почесен член беше на Асоцијацијата на шпанските уметници при Шпанската кралска академија и гостин професор на повеќе европски и американски универзитети. Негови дела и трудови се преведени на повеќе странски јазици.

Беше член на МАНУ од 1986 година. Бил нејзин потпретседател (2000-2004) и претседател (2008-2011). Основач е и раководител на Лексикографскиот центар на МАНУ од основањето (2000). Во МАНУ, од 1993 година го раководеше макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова редакција се издадени 28 тома. Носител е на државната награда „11 Октомври“, наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Кочо Рацин“ за најдобра книга на годината (Experimentum Macedonicum), наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ за најдобра книга со книжевна критика („Керубиновото племе“), Светската награда на хуманизмот, како и на повеќе странски признанија. Во 2000 година му беа објавени избрани дела во девет томови.

Неговиот профил на филозоф-естетичар со нагласен интерес за книжевноста е посебно значаен за македонската култура, затоа што покажува колку се неопходни оние книжевници кои својот труд, ерудиција и талент ги вложуваат во објаснувањето и валоризирањето на уметничкото творештво на другите писатели и на глобалните и локалните културни процеси. Тој беше врвен ерудит, со нагласен книжевен талент и со огромна енергија и творечко љубопитство.

Академик Старделов останува еден од најдобрите познавачи и афирматори на творештвото на нашите канонски писатели, како што се Блаже Конески, Анте Поповски, Славко Јаневски, Ацо Шопов и многу други. Неговиот грандиозен опус е непроценливо богатство на кое постојано му се навраќаме, а ќе му се навраќаат и генерациите што доаѓаат по нас.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот