Ин мемориам: Замина Градимир Јовановиќ – Киби

Едно од големите журналистички и уреднички имиња, кое остави длабоки траги во македонското и во југословенското новинарство, секако е и Градимир Јовановиќ – Киби, карактеристичниот, препознатлив, сугестивен и заштитен глас на Македонското радио.

Во најдобрата македонска небеска редакција замина Градимир Јовановиќ – Киби. Сега таму тимот е речиси комплетен. Новинарските диносауруси повеќе не пишуваат, не коментираат, не издаваат весници, не прават радио и ТВ-емисии, ни документарни стории, не снимаат, не истражуваат, не фотографираат, не цртаат карикатури, не полемизираат… Но, она што го оставија на земјата не молчи, останува уште долго силното ехо од нивното творештво и стории да предупредува, да подучува, да се препишува, но и да опоменува дека ништо не почнало од нас.

Таа училница е постојано отворена и достапна за голема среќа и кога е во етер. Се разбира, ако има кој да чита, да слуша и да учи. Некој многу години пред нас ја орал и ја облагородувал посната нива, ја чистел од плевел и од коров за да не почнуваме секогаш од почеток. Едно од тие големи журналистички и уреднички имиња, кој остана доследен во професијата цели 60 години од 1960 до 2020, што се вели до вчера, остави длабоки траги во македонското и во југословенското новинарство, секако е и Градимир Јовановиќ – Киби, карактеристичниот, препознатлив, сугестивен и заштитен глас на Македонското радио.

Прочитајте и...  Освојување на слободата

Нашето пријателство со Киби беше добро подготвено од уште една македонска и југословенска урбана легенда Василие Ставриќ – Васо. Кога се запознавме, некаде во осумдесеттите години од минатиот век, се разбира во тогашната врвна институција, кафеана, Киби беше веќе афирмиран и познат новинар, со повеќе од 20 години стаж, а јас како млад во занаетот имав трема да зборувам непосредно со човекот со импозантна појава, двометраш, чиј глас, рамносилен на неговата висина и тежина, го слушав речиси секојдневно.

Тогаш работев во дескот на „Нова Македонија“ каде што не почнувавме со планирање на весникот без да ги слушнеме вестите на Радио Скопје во 15.30. Беа тоа сјајни генерации извонредни новинари.

Под таа импресија почна првата наша средба и брзо прерасна во повеќедецениско пријателство. Тремата ја разби Киби за две минути. Почна да зборува како да сме сто години пријатели. Рече, Ерол, ти ги читам текстовите. Човече, ми го знае името и ме чита. И да беше чиста куртоазија, тоа за мене беше празник. Киби ме чита.

Прочитајте и...  Освојување на слободата

Оттогаш, па сѐ до неколку денови пред неговото заминување од овој свет, нашето пријателство остана искрено и никогаш не беше доведено во прашање, дури и кога имавме различни мислења и не се согласуваме.

Заедно се радувавме и ги прославуваме неговите големи награди бидејќи Киби не беше новинар само од Гевгелија до Табановце. Повеќепати ги добиваше највисоките признанија на широките југословенски простори за своите остри и храбри коментари. Киби имаше фасцинантна комуникациска култура. Еден од многу ретките македонски новинари, кој имаше пофални зборови за повеќе свои колеги, и со тие што не беше во добри односи, што кај нас, рака на срце, е речиси непозната работа. Тешко е во Македонија да слушнеш добри зборови за колега кој не е присутен на масата. Кога имаше несогласувања и забелешки на одредени текстови и јавни настапи на новинари, Киби тоа знаеше да го каже на еден пристоен начин, низ бенигна шега, често правејќи хумор и на своја сметка и за некои негови лапсуси.

Прочитајте и...  Освојување на слободата

Дружењето со Киби и размената на мислења и идеи ќе ми останат во трајно сеќавање. Тоа е едно вредно богатство со голема употребна вредност. Нашето пријателство прерасна во нешто многу поголемо од колегијален и еснафски почит. Тоа се префрли и на семејните односи.

Почивај во мир, драг пријателе. Со твоите синови што се гордеат со тебе, остануваме и натаму на горчливиот, но хранлив леб, како што велеше еден наш почитуван колега.

Поврзани вести

Освојување на слободата

Сашо Орданоски

Идеолошкиот свињарник и голотијата на заробените умови

Џабир Дерала

Улогата на Хичкок во македонскиот криминал

Сашо Орданоски

Полицискиот час повторно чука на врата!

Михаило Донев

Лесно е да си ситничава опозиција во време на криза

Сашо Орданоски

Македонија им рече НЕ и ги „напика“ во тесна кожа

Остави Коментар