ИМАТЕ ПРВАЧЕ? Пресметавме колку ќе ве чини почетокот на учебната година

Фото: Profimedia

Остануваат уште десетина дена до почетокот на новата учебна година, а гужвите во книжарниците и продавниците веќе започнаа.

Родителите стравуваат дека нема да стигнат навреме да обезбедат се за своите ученици, па веќе неколку денови се во потрага по соодветен ранец, облека и училишна опрема.

На први септември најмногу му се радуваат првачињата, но и нивните родители, кои учебната година ќе ја дочекаат со значително испразнет семеен буџет.

За да се подготви едно прваче, родителите треба да потрошат околу 8.000 денари. Додека за постарите ученици, потребно е и повеќе. Олеснителна околност за родителите е тоа што не треба да купуваат книги, бидејќи Министерството за образование и наука веќе неколку години обезбедува бесплатни книги за сите ученици.

Екипата на „Слободен печат“ посети неколку книжарници во Скопје, со цел на читателите да им ги презентира цените на ранците и останатиот училишен прибор.

Возбудата предизвикана од првиот училишен ден најчесто се манифестира преку купување на ранец по избор на првачињата. А, деца како деца, не гледаат цена, туку апликација. Сепак, кога станува збор за ранец, никој не штеди. Најскапите ранци во скопските книжарници се продаваат за околу 3.800 денари, а најефтините се околу 1.300.

– Најпродавани се оние измеѓу, но ако ме прашувате мене, подеднакво добри се сите, игра улога само големината, во зависност од потребите на ученикот, и секако дезенот – вели продавачка во книжарница.

Цената на тетратките се движат од 15 денари, до 80 денари за тетратки со тврд повез, инспирирани од јунаците од цртаните филмови. Моливи и гуми за бришење се продаваат по цена од 15 денари, а блокчиња за часот по ликовно се продаваат за 20 денари.

За кутија со 24 фломастери ќе треба да платите 170 денари, водените боици се продаваат за 120 денари, додека најефтините темперни бои се 100 денари. Четките за боење можете да ги обезбедите за 50 денари. Најефтиниот пластелин во книжарниците може да се најде за 50 денари, но според зборовите на вработените, родителите се одлучуваат за поскапа варијанта, која содржи поголем спектар на бои.

Во една од книжарниците кои ги посетивме ја сретнавме Бети К. oд скопската населба Кисела Вода, која не информира дека на својот син му купила ранец кој чинел 1.800 денари, а сега дошла да докупи некои ситници.

– Ранецот го избравме заедно, му дозволив да избира, а вредноста ја ограничив на 3.000 денари. Тој избра ранец од 1.800 денари. Од училиште ни дадоа список со потребни материјали, за кој потрошив 2.000 денари. Останува да купиме уште гардероба и патики, и спремни сме за првиот школски ден“ ни рече Бети.

Сепак, родителите со поплиток џеб, или пак, оние кои возбудата и радоста за првиот училишен ден на нивните деца не ја искажуваат преку купување на најскапите ранци и тетратки, училишниот прибор го купуваат од пазар. При нашата обиколка на Зелен пазар најдовме ранци кои се продаваат за цена од 500 денари.

За крај, иако најголемите трошоци се на почетокот на учебната година, во текот на годината ќе произлезат уште многу други работи кои ќе мора да ги купите или да ги платите како целодневен престој, ексурзии, храна… затоа обидете се да не трошите непотребно уште на самиот старт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот