Имаме кадар за Катар?

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Дури и да не успеат во баражот, македонските фудбалери веќе доволно ја израдуваа нацијата. Тешко ќе бидат остварливи две победи за пласман на Мундијалот, но непоправливите оптимисти ќе ви речат дека имаме кадар за Катар.

Македонско-албанската фудбалска коалиција која, за разлика од политичките коалиции, навистина ги брани националните бои (не со чизми, туку со копачки) оствари доволно мнозинство – бодови! Не само доволно, туку и рекордно досега во едни квалификации и обезбеди бараж за влез на Светското првенство во Катар 2022 година. Рака на срце, ќе ни требаат уште две победи за уште еден историски успех, но повторно ни е добредојдено фудбалското бегство од секојдневните тапа-тапа, пардон пата-пата состојби во македонското Собрание.

Пандемиско, економски и енергетски тмурниот ноември ни го разведри сознанието дека најдобрите македонски фудбалери повторно се во ударните спортски вести на глобалните медиуми. Слично како и лани, кога обезбедија пласман на Европско првенство. Ја завршуваат фудбалски најуспешната година за Македонија, во која остваривме маестрална победа на гости против Германија и настап на Евро 2021. Континуитетот на успеси продолжи и есенва  со неколку рекордни постигнувања на „црвено-жолтите“ досега во некои квалификации – најмногу освоени бодови – 18, најмногу победи – пет, најмногу вкупно постигнати голови – 23, најмногу дадени голови на гостински терен – 15, израмнет рекорд на најмалку примени голови – 11!  Значи, заслужуваат пофалби сите – и ударната одбранбена тројка Димитриевски – Велковски – Муслиу, и напаѓачите, но според мене, најзаслужен за фудбалската преродба е средниот ред.

Победата од 3-1 во решавачкиот натпревар против Исланд беше извонредна завршница на циклусот квалификации во кои добивме „три во едно“. Прво, новиот селектор Благоја Милевски одлично продолжи таму каде што беше сопрен неговиот претходник Игор Ангеловски, дури и без гуруто на тимот Горан Пандев како спиритус мовенс. Иако Милевски вели дека има уште простор за надградба, радува уште поагресивниот приод кон противникот, борбата за секоја топка и за освојување на секоја педа од теренот, форсирањето на тимската игра која продолжува да се гради по нагорна линија, вклучување во екипата на нови млади играчи кои ќе го издржат наметнатото жестоко темпо, враќањето на класичната силна „деветка“, брзото прилагодување на новите првотимци, можноста повеќемина да погодат кога треба, одличните замени за отсуствата на повредените и казнетите (Костадинов, Чурлинов, Ашковски…).

Второ, но не и помалку важно е што добивме нов лидер на тимот во Енис Барди, главниот креатор на играта, иако Милевски не сака тоа да го истакне, што е тренерски исправно. Постојан првотимец на Леванте во силното шпанско првенство, одличен изведувач на слободни удари, луциден додавач, се чувствува неговата фудбалска зрелост и преку контролата на ситуацијата на теренот. Вистински потег беше што на средбата во Ерменија му беше доделена капитенската лента, во отсуство на суспендираниот Стефан Ристовски.

Трето, Елиф Елмас прераснува во вистински „мотор“ на тимот, но сè помалку прави потег повеќе. Добра вест за селекторот е што новиот тренер на Наполи, Лучано Спалети. има голема доверба во нашиот дијамант и му дава голема минутажа, но и слобода во играта. Тоа се чувствува и во неговите настапи и во маичката со национални бои.

Да бидам искрен, бев загрижен како ќе се одрази повлекувањето на Горан Пандев од репрезентацијата и промената на селекторот среде квалификации. Згора, често отсуствуваше Аријан Адеми поради повреди. Загрижувачки беше септемвриски дел од квалификациите, кога освоивме само три бода,  особено што на домашен терен не ги победивме директните конкуренти Ерменија и Романија, а против Исланд на гости речиси добиен натпревар по водството од 2-0 заврши без победник. Трите бода „фора“ што ги имавме од победата во Германија се стопија во само седум дена и повторно зависевме од резултатите на другите.

Дури и да не успеат во баражот, „рисовите“ веќе доволно ја израдуваа нацијата. Со нетрпение ја очекуваме ждрепката што ќе ни ги одреди противниците во групата. Тешко ќе бидат остварливи две победи, сигурно многу потешко од ланските против Косово и Грузија. Иако непоправливите оптимисти ќе ви речат дека имаме кадар за Катар.

П.С. Ако не ми се допаѓаше самобендисаноста на Милевски по септемвриското разочарување дека „Македонија не играла никогаш подобро“, како што изјави тогаш, сега треба да се истакне како голем џентлменски потег изразувањето благодарност до неговиот претходник Ангеловски кој му остави во залиха шест бода од три меча, тимска енергија и кохезија и победнички дух, кој не беше нарушен ни по трите порази на Евро 2021.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот