Имаме храброст и визија – и ќе победиме, повторно!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Спремни се да ја вратат Македонија во Орбановата орбита на неслободни и недемократски земји, само Заев да го нема. Спремна е академската, културната и медиумска структура да ѝ ја предаде земјата на ВМРО-ДПМНЕ, само Заев да го нема на чело на СДСМ.

Пишував пред цели две години на оваа тема, а богами „натеран“ сум да пишувам повторно! Што сум пишувал и од кого сум „натеран“ да пишувам повторно? Сум пишувал дека кога ќе речете „сите се исти“, односно таму каде што се вози (и прима!) приказната дека „сите се исти“ – добива десницата. А, од кого сум „натеран“ да пишувам „повторно“? Од сопствената срџба. Што значи, од личниот немир, она што се нарекува „неиздрж“, тоа е личен порив, а потоа општествен, јавен, феноменолошки, ако сакате.

Да одиме со ред. Имавме цврста рака, се сеќавате, нели? Името му беше Никола Груевски, го знаете човекот, нели? Го избравме да ни потрае цела една деценија. Видовме како работи цврста рака, нели? Работи супер, ама од позиција на десно: не смееш да писнеш, а животот свој му го предаваш нему, нема извесност и уште немаш поим што ќе ти донесе денот, а што ноќта.

Да одиме конкретно. Ете, заврши првиот круг на локалните избори и, како што велат нашите „аналитичари“, ајде да ги видиме математиките! „Математиките“ се 60 илјади неважечки ливчиња во првиот круг на локалните избори. Какви се тие „неважечки ливчиња“? Пречкртани, нацртани и додадени нови „кандидати“ – Пајо Паторот, Мики Маус и други ефемерии од ликовната „уметност“. Но, од друга страна, можеби овој гест значи дека некаде напролет – а можеби и побрзо – ни следуваат нови парламентарни избори во битката помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за идниот профил на македонското општество.

Како стигнавме дотука и од каде толкава резигнација, нихилизам и огорченост за неважечки ливчиња? Од рокерите, панкерите и „тортињата“, како и од останатите чуда и врагови што гравитираат во и околу СДСМ. Го има град Скопје во себе тој тип луѓе што си се уфилмале (или „утрипале“) дека се револуционерни месии што ќе го променат градот (на штета на Шилегов), па на луѓето им зборуваат дека тие ги носат главните промени, затоа што Шилегов и СДСМ се „исти“ и тоа дека сите политичари се „исти“. Познат ви е тој адолесцентски жанр!?

Мене ми е познато Скопје со тие „интелектуални“ хипстери, таканаречени неутралци кои ќе ги исплукаат политичарите, а многу релевантни луѓе во политиката ќе одбијат; толку типично за сите разгалени типчиња од високите класи… Ама хипстер-револуционерите забораваат една работа и тоа клучна: десничарите секогаш гласаат!

Десничарите никогаш нема да ги сретнете да се бунат, нема да ги видите седнати на софа по папучи да дерат по своите лидери затоа што не им се доволно добри. Не, десничарите работат како што ќе им се каже. Само левичарите се тие што се бунат, се противат, одбиваат да гласаат – и така создаваат услови да ги „попушат“ изборите, оти, нели, според нив овој или оној министер не е доволно цврст/чесен/јасен/радикален. Сакам да кажам дека вака се упропастуваат избори, а после ќе си ги лижеме раните. Значи, ваквата појава мора итно да се спречи!

Имено, да одиме со друг пример. Ја знаете кандидатката за Скопје за која еден мој пријател многу луцидно рече дека е кандидатка на која ѝ фали „слово у имену“. Госпоѓата Данела е типичен егземплар на тоа ни „лево“ ни „десно“. Демек, ништо од тоа не ѝ чини, ниту стариот груевистички режим, беше тоа „каки“ и „куш“, а овој СДСМ е „уби боже“, што значи нам ни треба нешто сосема друго и „ново“. Што значи, да гласате за мене, односно за госпоѓата Данела.

И со таа нејзина конфузна и безначајна приказна, ама сепак итра, госпоѓата Д. паразитира низ уморното гласачко тело, освојувајќи прилично голем број конфузни и дезориентирани гласови за град Скопје уште во првиот круг.

И добро, море, Јовановиќ, каде е тука гласот за десницата? Сега ќе видиме.

Госпоѓата Данела е конфузна појава, зборува озгора-оздола, понекогаш кон медиумите се однесува како програмата да ѝ ја пишувал Шешељ лично, а понекогаш како да ѝ ја пишувал кардиналот Пиј IX. И сето тоа помешано со лош трип, а реално госпоѓата припаѓа идеолошки во ВМРО-ДПМНЕ, односно припаѓа на онаа каста груевистички десничари кои своите скромни познавања ги собира од Фејсбук и од Википедија, плус од сајтовите што ги креираат сомнителни профили.

Се обложувам дека госпоѓата Данела пред некоја година исплашено чекала некоја страшна планета да ја удри Земјината топка, мислејќи дека така сите нас ќе нè погоди. Знам, звучи смешно, но не е наивно. Сепак, вакви празноверни ликови што имаат поддршка од десницата откинуваат многу гласови од разочараните, затоа што, нели, сите биле исти, па дрн, па sврц.

Од друга страна, народот не му испрати порака на Заев, туку се креира двегодишна атмосфера за пад на Владата од луѓе што циркулираат околу СДСМ и околу таа „демократска јавност“. Тоа се сите оние што се во „премолчена коалиција“ со Мицкоски. Какви се тие луѓе? Академски, културни и медиумски.

Героски е предводник на таа групација бидејќи има медиум.

Второ, тие луѓе во квантитативна смисла не се многу релевантни, ама да донесат резигнација, да креираат атмосфера од типот „сите се исти“ – о, и тоа како се релевантни. И многу важно: тие никогаш нема да може да бидат авторитети и фактори во ВМРО-ДПМНЕ, туку само во и околу СДСМ.

Ако следите добро, ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори освои ист број гласови како и на ланските парламентарни избори, бидејќи тие се како ториевците во Англија. Рековме погоре, излегуваат на избори. Кој не излегува на гласање, кој се фемка и кенка? Само СДСМ. Како овие луѓе – ноторни незнајковци, такаречи дилетанти, ќе го донесат на власт ВМРО-ДПМНЕ? Така што ќе дерат по СДСМ, ќе замислуваат неверојатни сценарија, сè со цел да се пасивизира членството и да падне во резигнација.

А државата е на исправен колосек: се покачуваат плати, земјата се европеизира, се решаваат децениски проблеми. Светот нè слушна, светот нè призна. Најважните и најголемите земји ни се поклонија. Нè уважија! На кому тоа НЕ му одговара? Само на старите Бранкови инсталации кои, нели, се страшно навредени од Заев и од неговата политика. На крајот, во конечноста, Заев е нивната цел. Спремни се да ја вратат Македонија во Орбановата орбита на неслободни и недемократски земји, само Заев да го нема. Спремна е академската, културната и медиумска структура да ѝ ја предаде земјата на ВМРО-ДПМНЕ, само Заев да го нема на чело на СДСМ.

Думајте што ви велам. Оти, ако ги изгубиме Заев и оваа политика, немојте после – никој не ни кажа, не знаевме. Ако го изгубиме Заев, драги пријатели, нужно ќе се врати некој нов Груевски, само што ќе биде двапати полуд. Нема други анализи.

Да привршуваме. Ова беше само прв круг, проблематичната гласачка дезориентација мора да заврши тука, пред да биде доцна! Не е ништо страшно, но ќе биде страшно доколку овој тренд продолжи, и затоа мора да се надмине во последен час. Во спротивно, Македонија во тој (во основа вештачки исфорсиран) „победнички бран“ ќе бара нови парламентарни избори со големи шанси на власт да дојде една тврда и ригидна десница.

И, каде сега треба да се оди? Да се гласа масовно и мотивирачки за Петре Шилегов, за да не бидеме дел од едно старо и минато време во кое бевме и видовме дека не е весело; поточно, многу добро знаме каква хорор приказна беше тоа! Одбивам повторно Македонија да биде Унгарија на Орбан или Русија на Путин. Не, фала!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот