Имало надеж за Скопје

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Скопјани се изморија од очекување да се подобри градскиот превоз. Две децении трамвајот ни беше на „дофат на рака“, а сега брзиот автобуски превоз е закочен во Собранието.

Дали Скопје некогаш ќе добие современ, еколошки, економичен и брз јавен превоз што ќе ги натера граѓаните да заборават на своите автомобили кога ќе се движат низ градот? Ќе се понуди ли некоја подобра алтернатива за оние што секојдневно користат автобус за да стигнат на работа? Како што тргнала работата – ова нема да се случи набрзо.

Идејата за автобуско метро, односно за брз автобуски превоз, веројатно е најблиску до тоа да стане реалност. Проектот на градоначалникот Петре Шилегов предвидува две линии, едната од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче, а другата од булевар Босна и Херцеговина до  булевар Борис Трајковски. „Трамвајот на тркала“ би се движел на засебни ленти на булеварите, автобусите би се чекале најмногу неколку минути, а времето на патување двојно би се намалило дури и во услови кога во градот е најголем сообраќаен метеж. Автобусите би користеле природен гас и не би го загадувале воздухот, што за Скопје е многу битен момент.

Реализацијата веќе четири месеци е заглавена во Собранието, откако Владата уште во ноември го прифати предлог-законот за заем од 70 милиони евра од ЕБОР за финансирање на проектот. Сега кочничар е кворумот. Кога еднаш законот ќе излезе од собраниските лавиринти ќе може да се потпише договор за заем за изведба на двете линии. Дали тоа ќе се случи во актуелниот мандат на Шилегов останува да причекаме, но и доколку се случи потребни се најмалку две години за со новиот јавен транспорт да се превезат првите патници.

Скопјани се изморија од очекување да се подобри градскиот превоз. Две децении трамвајот ни беше на „дофат на рака“, иако желбата за него е многу постара. Со Генералниот урбанистички план од 1965 година било предвидено во градот да има шински јавен превоз. Во 1986 година се изработила и студија за трамвај, па бил распишан и референдум за воведување трамвај со самопридонес, но граѓаните рекле – не!

Старата идеја ја врати во „игра“ градоначалникот Ристо Пенов, па ја заживеа Трифун Костовски, во чие време се распиша и тендер за идеен проект за изградба на трамвајска линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Трамвајот беше на листата на ветувања и на Коце Трајановски. Во 2010 година беа избрани и две консултантски куќи, едната од Англија, другата од Унгарија за изработка на нова студија за трамвајски превоз во Скопје, затоа што онаа на Костовски не била целосна. Шилегов пак, во предизборната програма вети јавен превоз со електрични автобуси, на почетокот од мандатот се „загреа“ за идејата за трамвај, за потоа како поисплатливо и подобро решение да го понуди брзиот автобуски превоз.

Многу идеи, но реализација никаква. Низ Скопје сѐ уште се тркалаат старите автобуси и кинеските двокатни „кутии“ во кои човек не може убаво да се исправи. Тука се и новите еколошки автобуси, но се малубројни за потребите на жителите кои секојдневно користат јавен превоз, особено во услови на пандемија кога не може да се користи целосниот капацитет на возилата.

А имало надеж за градот. Првиот трамвај во Скопје бил донесен уште во 1884 година од Виена. Го донеле браќата Шабан-паша, богати луѓе, сопственици на една од првите мелници во градот. Трамвајот го влечел коњ, како што било тогаш и во други градови низ светот, а сообраќал од Дебар Маало до Центар. Кога коњот ќе се изморел легнувал на патот да се одмори, а патниците чекале. До 1912 година, кога е укинат овој превоз, Скопје веќе имал неколку трамваи со коњска влеча и била воспоставена редовна линија на шини во сопственост на општината.

Цел век подоцна ние сѐ уште чекаме подобар јавен превоз.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот