Имало Господ и за нашата црква!

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Македонија има мачен пат за сопствена стабилизација и меѓународна промоција во изминатите триесетина години, пред сѐ поради сопственото соседско окружување. На тој пат решаваме проблем по проблем, поминувајќи ги „мостовите“ – што би рекле Англосанксонците – кога ќе дојдеме до нив на уште една од „реките“ што патемно треба да се „прегазат“. Еден од тие мостови, со помош на Цариград, тукушто совладавме.

Црковно-религиските аспекти на решението на Вселенската патријаршија канонски да ја признае Охридската архиепископија претставуваат одредено разрешување на вековните контроверзии на зачмаените, здодевни, назадни православни политикантски верски расправии за тоа кој од кога постои како народ, кој што бил пред петстотини и илјада години, кому му е јазикот постар, кому му е темјанот позастоен, а брадата подолга. Во тие кругови, вообичаено, „меѓуцрковните“ запирки и точки се менуваат еднаш на сто-двесте години, бидејќи времето се мери во векови и милениуми, само возните паркови, мобилните телефони и рачните часовници се од најновите модели.

Првичните реакции на „братските“ православни кругови на оваа одлука на Цариград се предвидливи и се движат од медиумските коментари дека е тоа „забивање нож в грбот“ на Бугарската православна црква, преку ставот на Руската православна црква дека за неа во Македонија постои само Српската православна црква, до грчката процена дека станува збор за „шах-мат“ на вселенскиот патријарх за српско-руските планови на Балканот, но и загадочниот првичен официјален молк имено на СПЦ по повод настанот – што е необично позитивен знак кога е СПЦ во прашање! Треба да се очекува дека и сите што сега молчат, ќе си го кажат наскоро своето. Бидејќи, ако и кога ќе дојде прашањето за евентуалното официјализирање на црковниот томос – име, статус, јурисдикција и сл. – за автокефалноста на МПЦ-ОА, веројатно ќе излезат проблеми на виделина што сега и не мора да се очигледни.

Она што е позначајно за нашата поширока општествена заедница се современите домашни и геополитички реперкусии од ваквата одлука на Цариград. Тие доаѓаат во време на (повторно) „натегната“ внатрешнополитичка атмосфера во Македонија помеѓу власта и опозицијата, во услови на општопроширен цинизам кон државата, воопшто, и кон политиката, како таква. Контекстот е оптоварен и со актуелната вжештена руско-западна европска и глобална конфронтација, во која значаен дел од македонската јавност си ја држи страната на ужасната воена агресија на Путин во Украина, без оглед на ставовите на Русија за Македонија и за овдешната црква.

А, да ја скратиме приказната, ова канонско признание на Охридската архиепископија доаѓа и како директен резултат на повеќегодишните американски напори за стабилизација и просперитет на современата македонска држава. Познато е дека неколку години наназад високи американски дипломати во повеќе јавни, а веројатно и подискретни наврати одржуваа долги средби со патријархот Вартоломеј во седиштето на Вселенската патријаршија, од чии официјални соопштенија може да се заклучи дека е водена „долга дискусија на разни теми од заеднички интерес“. Сега е јасно – а и тогаш можеше да се насети – дека една од „темите“, повеќе од веројатно, била и оваа одлука на Вселенската патријаршија.

Тоа, барем што се однесува до Македонија, ја „бетонира“ американската улога во развојот на регионалните прашања на Балканот, во што спаѓа и долгогодишното македонско-американско стратегиско партнерство, клучната асистенција на Вашингтон за постигнување на Преспанскиот договор, за влез на Македонија во НАТО, но и за тековното деблокирање на македонските интеграции во ЕУ – впрочем, додека ова се пишува, бугарскиот премиер Петков е сѐ уште во Вашингтон на разговори со своите американски колеги, меѓу другото, и за бугарските позиции за симнувањето на евро-ветото за Македонија во јуни.

Но, со оглед на домашните македонски партиски и непартиски расположенија, и оваа спектакуларна вест од Цариград веројатно ќе предизвика задоволство кај мнозинството и незадоволство и сомнеж кај помалиот дел од домашната јавност. Ќе има такви што ќе се запрашаат зошто, баш, сега!? Дали е цариградската поддршка искрена или е на дело некаква нова „стапица“ за „вечноста“ на Македонија? Да не поминеме како Украинците со признавањето на нивната црква од страна на Цариград? Како тоа ништо меѓународно позитивно не се случува за Македонија кога е ВМРО на власт, туку секогаш кога е СДСМ на кормилото на државата – мора да е некаков „гнил заговор“ во прашање… Итн.

Не е спорно дека веста од Цариград ја надминува важноста само за верските, па и само за православните кругови во државава. Македонија има мачен пат за сопствена стабилизација и меѓународна промоција во изминатите триесетина години, пред сѐ поради сопственото соседско окружување. На тој пат („со Господ напред“?!) решаваме проблем по проблем, поминувајќи ги „мостовите“ – што би рекле Англосанксонците – кога ќе дојдеме до нив на уште една од „матните реки“ што патемно треба да се „прегазат“.

Еден од тие мостови, со помош на Цариград и нивните „помошници“, тукушто совладавме. Имало Господ и за нашата црква!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот