Има секаков народ

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Токму кога Трифонов говореше за космонаути, претседателката на комисијата на Европскиот парламент за буџетска контрола, Моника Холхајмер, предложи европратеници да отпатуваат во Бугарија за да проверат лично дека европските средства се користат правилно и дека се потребни законски измени за да се избегнат злоупотреби

„Ќе направиме сѐ што е возможно за да испратиме маж и жена, да бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе овозможиме да им се придружи еден северномакедонски астронаут. За да не гледаме надолу во земјата, од срам, а да почнеме да гледаме нагоре, кон ѕвездите“.

Ова, без трошка срам, гледајќи ни горе ни долу, го кажа Слави Трифонов. И тоа не во некоја шоу-програма, туку во обраќање до јавноста за да ги истакне „приоритетите на сите бугарски граѓани“, откако неговата партија освои најмногу гласови на изборите во Бугарија.

Ми се допаѓал или не мене лично господинот Трифонов како комичар или политичар, воопшто не е важно. Фактите говорат дека тој е најпопуларниот шоумен во Бугарија и за неколку илјади гласови најпопуларниот политичар. Не е битно ни тоа што во двете категории и нема баш некоја силна конкуренција.

Ако комичарот Трифонов го кажал ова како шега, тешко дека измамил насмевка од кого било со макар и трошка смисла за хумор. Ако, пак, зајадливиот Трифонов намерно го употребил изразот „северномакедонци“, не гледам дека предизвикал реакција ни од официјалните канцеларии ни од медиумите ни од вечните коментатори по социјалните мрежи.

А, ако се наметнува како мечтател, не може да не знае, освен ако не го преспал детството,  дека Бугарија има(ла) и своја вселенска програма (во рамките на советската). Имал 13 години кога Георги Иванов Какалов на 10 април 1979 година станал национален херој – во мисијата „Сојуз 33“ летнал од космодромот Бајконур кон орбиталната станица „Салјут 6“. Какалов станал доктор по вселенско инженерство, бил избран за пратеник, назначен за директор на „Ер Софија“, а учествувал и во креирањето на новиот демократски Устав на Бугарија, иако неговата вселенска мисија била неуспешна. Поради механички дефект „Сојуз 33“ не се споило со станицата и по 31 орбита за неполни два дена со вртоглава брзина од 9Г удрило на Земјата – за среќа, без последици по екипажот. Во вселената во 1988 година летал и Александар Александров.

Ни идејата за обнова на бугарската вселенска програма, ако тоа било целта на изјавата, не е  на Трифонов. Ја позајмил од колумна во март годинава на Соломон Паси, шеф на дипломатијата во кабинетот на Симеон Сакскобургготски. Бугарија денес не е членка на Европската вселенска агенција. Шест години чека на прием. Затоа веројатно насоката кон НАСА, каде што Татјана Иванова е првата Бугарка што ја поминала обуката.

А, ако чудната изјава ја кажал политичарот Трифонов, тогаш е време за тревога: „Софија, имаме проблем“. Голем проблем. Голем грев е, непростлив, кога човекот што добил најголема доверба од гласачите, меѓу приоритетите на идната влада спомнува космонаути, кога во земјата врие од незадоволство поради врските на политичарите со мафијата, што се рефлектираше и на самите избори.

Токму кога Трифонов говореше за космонаути, претседателката на комисијата на Европскиот парламент за буџетска контрола, Моника Холхајмер предложи европратеници да отпатуваат во Бугарија за да проверат лично дека европските средства се користат правилно и дека се потребни законски измени за да се избегнат злоупотреби.

– Веќе некое време сме загрижени дека може да има измама со фондовите на ЕУ и мешање од странски земји како Русија и Турција – вели Холхајмер.

Европските социјалисти, демократи и зелени посочуваат примери дека јавните набавки во Софија ги добиваат „тесен круг компании без конкуренција“.

Токму кога Трифонов говореше за космонаути, Институтот за социјално и синдикално истражување објави дека Бугарите со минимална плата (332 евра, најниска во ЕУ) може да си дозволат да купат најмалку лебови во споредба со сите на „минималец“ во која било друга членка на ЕУ. Ете и бројки: со минимална плата во Бугарија може да се купат 583 леба (од половина килограм), во Франција може да купи 1.095 леба и во Германија 1.232. Значи и буквално, Бугарите немаат за леб, а Трифонов говори за космонаути.

Во Бугарија има и таков народ што не наседнува на прикаските на најпопуларниот комедијант. Дури 61 отсто не излегоа да гласаат. Ќе ги има уште повеќе, веројатно, на следните повторени избори, разочарани и гневни, со поглед кон земјата од срам или кренат високо, чекајќи спас од

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот