Има потенцијал за директни инвестиции од Саудиска Арабија во земјава, вели Османи

Османи во Саудиска Арабија/ Фото МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на првата официјална посета на Кралството Саудиска Арабија, се сретна со принцот Фаисал бин Фархан Ал Сауд, министер за надворешни работи, што воедно претставува и прва средба на министри за надворешни работи од воспоставувањето дипломатски односи.

На средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете земји, како и начините за нивно понатамошно унапредување, при што беше изразено задоволство од соработката во рамки на мултилатералните организации. Соговорниците разменија мислења за модалитетите за развој на економските и бизнис релациите, согласувајќи се дека постои голем потенцијал за интензивирање на соработката на полето на прехрамбената индустрија, туризмот и енергетиката, соопшти Министерството за надворешни работи.

– Денешната посета претставува потврда на заемната посветеност на развојот на билатералните односи, со посебен акцент на економските врски и трговската размена. Пред нас се отвораат големи можности за понатамошно интензивирање на размената на прехрамбени продукти и земјоделски производи, особено имајќи ги предвид актуелните предизвици со безбедноста на храната во овој регион и нашиот потенцијал за кој ни се потребни нови пазари, истакна Османи.

Воедно, министерот Османи ги нагласи интензивните активности во доменот на економската дипломатија и посветеноста на креирањето поволни услови за странските инвеститори, подвлекувајќи дека саудиските инвеститори во Владата на Северна Македонија ќе имаат доверлив и транспарентен партнер за реализација на нивните потенцијални идни проекти.

Соговорниците разговараа и за можностите на унапредување на договорната рамка, парламентарната соработка како и соработката на полето на културата и образованието.

Османи го брифираше Ал Сауд за неодамнешното членство на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, претстојното претседавање со ОБСЕ и европското досие на земјата, а стана збор и за теми од регионален и меѓународен интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот