Има ли „назад“ за Катица Јанева!

Зошто Јавното обвинителство на Македонија по рекордно брзата предистражна постапка за аферата „Рекет“ има кренато „рачна кочница“ и молчи на низата прашања поставени од правната фела, јавноста и медиумите и одбива да обелодени дали специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е кабает во случајот? Исто така одбива да извести дали Јанева е само колетерална штета од познанството со првоосомничениот во овој случај Бојан Јовановски познат како Боки 13, или пак има вмешано прсти во наводите дека тој уценувал бизнисмени и локални моќници со знаење на Јанева?

На ваквото едноставно прашање Јавното обвинителство, по една недела од обелоденување на аферата наеднаш одбра да молчи, иако на почетокот од ден во ден, преку медиумите на јавноста и сервираше по некој екстра податок за „Рекет“. Молчи и спомената специјална јавна обвинителка.

Од многуте приказни и жар кој беше внесен од вмешаните во овој случај и експресното гаснење на тој порив, за експертите по право, но и за јавноста е само добар сигнал дека некој од моќна позиција дал наредба да се стиши сè, па како во народната „секое чудо трае три дена“ и да се заборави сè.

Правно гледано-законски, а не мерено на политичка вага и слободно толкувано има одговорност кај Јанева во „Рекет“. Зошто ОЈО молчи не знаат само тие туку знае и јавноста. Има нешто политички опасно за некој од власта во овој случај. Ако вмешаните слушаат команда и молчат, вистината јавноста може никогаш нема да ја дознае, па некој и ќе се спаси, како Јанева на пример, вели професорот по право Никола Стојанов.

– Јасно е дека зад започнатиот обид за заташкување на вистината е реагирано доста брзо од некој политички субјект кој извршил таков притисок да ги заузди двете страни. Се сеќавате дека Јанева на прес конференција кажа дека не сторила кривично дело. ОЈО никогаш со „прст“ не покажа кон Јанева, туку со ситни зборчиња од нивна страна беше кажано дека таа на „спикерфон слушала кога наводно, повторувам наводно, еден од осомничените разговарал со рекетирана жртва“. Што се зборело на тој разговор и што рекла во таа ситуација Јанева, ОЈО не кажа. Ако за ОЈО беше важно да се спомене тој момент, зошто не кажаа ако им е чист образот што изјавила или говорела Јанева, туку после таа дума се сокрија од изјави за јавноста. Не кажаа или посочија каде и како Јанева се огрешила пред законот. А правно гледано  досега од страната на ОЈО што е кажано, Јанева наводно е огрешена пред законот. Ако целта беше да се заузди Јанева и СЈО, тоа се постигна. Со ова афера е фрлена црна дамка кон СЈО, баш во време кога политичарите решаваат за неговата иднина. Ситуацијата засега е нерешена. Единствена опција како најдобро решение за се е Јанева да се повлече од сегашната функција и да се врати на старото работно место, заменик јавен обвинител во родната Гевгелија, а СЈО да се припои кон ОЈО, за да нема и понатаму „војна“ кој е помудар – вели професорот Стојанов.

Неговиот колега, професорот Гордан Калајџиев вели дека јасно е дека има одговорност кај Јанева.

– Очигледно е дека се калкулира со политичката штета, плашејќи се можеби од тоа што знае Јанева. Фактот дека се калкулира е пораз за нашата држава, бидејќи во прв план се ставаат политичките грижи пред законитоста – нагласува Калајџиев.

Името на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од избувнувањето на аферата под име „Рекет“ која се обзнани на 15 минатиот месец од страна на Јавното обвинителство веќе 21 ден е топ тема во јавноста и медиумите. Во таа афера како што е познато полицијата по налог на Јавното обвинителство влезе во домот на Јанева, и само и го зеде за вештачење едниот мобилен телефон. За вториот подоцна од нејзиниот син се дозна дека бил даден на нему блиска личност која го форматирала и се што имало во него отишло во неповрат. МВР на шефицата за Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска за брзо време откако го доби едниот мобилен телефон доби и целосен рапорт што сè е откриено од вештачењето на апаратот. По прес конференцијата на ОЈО, пред судијата на претходна постапка беа изведени засега единствено двајцата осомничени и притворени (Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милески познат како Зоки Кичеев).

Јовановски и Милевски се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.

„Двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка, дека се моќни кај јавен обвинител. Јовановски од лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок, побарал 8 милиони евра, за да се запре кривичната постапка против него. Од сведокот добил 1,5 милиони евра, а останатите побарани пари требало да ги добие на месечни рати“ изјавија на 15 јуни на прес конференција во ОЈО.

Ден по нивниот притвор, од доживеаниот стрес Јанева замина на боледување. Од тој ден се до пред една недела безмалку секој ден во преку медиумите обвиителката Рускоска на јавноста на јавноста и пренесуваше по некој плус детал за случајот.

Медиумите истражуваа и дознаа дека на низа свечености организирани од Јовановски присуствувала не само Јанева, туку и Рускоска. Синот на Јанева, сосема случајно или не работеше во 1ТВ, за која се знае дека е сопственост на таткото на Јовановски. Телевизиите, весниците и порталите објавуваа разни фотографии и приказни кој се бил близок со Јовановски, кој наводно изнудувал и пари од локални функционери и бизнисмени. Како повеќе се разгоруваше оваа приказна, така се повеќе Јавното обвинителство и Јанева се затвара за јавноста.

Изминува седмиот ден од молкот. Јанева замина на одмор. Главните субјекти од ОЈО исто се на одмор. На одмор е и судската фела. Летен одмор почнаа да користат и политичарите. Сите заедно ќе се вратат после 25 август. До тогаш, велат нашите соговорници се ќе биде исто, само не и можноста на зголемување на бројот на осомничени во „Рекет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот