Има ли надеж за Барселона да остане во ЛШ и дали Баерн ќе се „смилува“

Барселона мора да игра на победа во Минхен/ фото: EPA-EFE/Alejandro Garcia

Вечерва е ноќ на одлука за каталонскиот тим кој мора да го победи Баерн Минхен на „Алијанц Арената“ доколку сака да остане во Лигата на шампионите, а во исто време ќе навива Динамо Киев да ја изненади Бенфика во последното коло во елитното клупско натпреварување.

Барселона се наоѓа на второто место во групата Е со седум бода, прв е Баерн со максимални 15 бода, додека Бенфика која му гостува на отпишаниот Динамо има пет бода.

Доколку Барселона изненади и победи во Минхен, ќе се пласира во осминафиналето, а во случај на реми или пораз ќе се надева Динамо Киев да ја изненади Бенфика.
Од друга страна во Бенфика се надеваат дека Баерн ќе одигра како што играше и во претходните пет кола кога оствари пет победи.
– Ќе играме со најдобриот тим кој го имам на располагање – вети тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман.

Во Барселона пак, се надеваат дека Баерн нема истрча со најдобрите играчи, а тренерот Чави Ернандез најавува игра на победа.
– Без разлика на сите проблеми со кои се соочува клубот, Барселона мора на секој натпревар да игра на победа и така ќе биде и сега. Против Баерн ќе играме за трите бода, а дали ќе ги освоиме ќе видиме по 90 минути – изјави Чави Ернандез.

Во групата Ф, Манчестер јунајтед веќе го обезбеди првото место на табелата, а за вториот патник во осминафиналето, во меѓусебна пресметка ќе одлучуваат Аталанта и Виљареал.
Аталанта мора да победи пред своите гледачи, додека на Виљареал доволен му е и бод за второ место.
– Имаме голема самодоверба, верувам дека може да се пласираме во осминафиналето. Виљареал е силен тим, минатата сезона триумфираа во Лигата на Европа, но ова е поинакво натпреварување. Играме на домашен терен, ништо не е готово, но веруваме во пласман во следната фаза – порача тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини.

Уште една група во која сите четири екипи можат да се пласираат во осминафиналето е групата Г.
Лил е лидер на табелата со осум бода, Салцбург има седум, Севиља шест, а Волфсбург пет бода.
Во најдобра позиција е Лил кој му гостува на Волфсбург и доволен му е бод за осминафинале, додека германскиот тим со евентуална победа ќе го престигне францускиот шампион на табелата.
– Не чувствуваме притисок. По три кола имавме два бода, а потоа го победивме Салцбург и ја искомпликувавме ситуацијата во групата – вели тренерот на Волфсбург, Флоријан Кофелт.

Во вториот натпревар играат Салцбург и Севиља. На австрискиот тим му е доволен бод, додека Севиља мора да победи доколку сака да се пласира во осминафиналето во ЛШ.

Во групата Х, Јувентус и Челси се борат за првото место. Челси има подобар меѓусебен скор и со победа на гостувањето кај Зенит ќе го обезбеди првото место. Јувентус го пречекува Малме.

Двојки за вечерва:
Група Е
Баерн Минхен – Барселона
Бенфика – Динамо Киев

Група Ф
Манчестер јунајтед – Јанг Бојс
Аталанта – Виљареал

Група Г
Волфсбург – Лил
Салцбург – Севиља

Група Х
Зенит – Челси
Јувентус – Малме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот