Има индиции за нов ковид-бран, болниците на готовс за евентуален наплив на пациенти

Инфективна клиника /Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Има индиции дека бројот на заразени и на пациенти на кои им е неопходна хоспитализација во наредниот период ќе расте, па ковид-одделенија на интерните клиники во Скопје, што пред неколку недели беа затворени, се подготвуваат за нов есенски ковид-бран. Директорката на Клиниката за Инфективни болести, доктор Милена Стевановиќ за „Слободен печат“ вели дека моментално на Клиниката се хоспитализирани повеќе од 90 пацинети, меѓутоа почнат е тренд на искачување на бројот на заразени, па затоа болниците се подготвени повторно да ги отворат затворените одделенија, наскоро кога за тоа ќе се јави потреба.

-Пред околу три недели ги затворивме ковид центрите на Клиниките за кардиологија, уво нос и грло, и сега сите места се искористуваат до максимум, се додека бројките се вакви. Кога ќе почне да се зголемува бројот, а се укажува на некаква тенденција на пораст, ќе се отворат одделенијата пак. Сега има 400 дијагностицирани на ден, пред десетина дена имаше само стотина. Зимава ќе трае оваа ситуација, ова е веќе маратон кој трае две години, вели доктор Стевановиќ.

Таа додава дека намерата е да се концентрираат болните на едно место и да се штеди и персоналот и сите ресурси.

На Инфективната клиника примаме и понатаму пациенти со тешка клиничка слика, кислородно зависни со развиена болест, вели доктор Стевановиќ.

Директорот на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов исто така се согласува дека намалување на трендот на хоспитализации нема.

-Имаме 25 хоспитализирани пациенти, а секој ден има над 400 нови случаи. Клиничката слика на нашите пациенти е тешка, со ниска сатурација, има многу починати, бранот не се смирува. Сега сите граѓани ќе бидат во затворен простор, времето заладува, ќе видиме што ќе се случи, но далеку од тоа дека епидемијата спласнува, вели доктор Барбов.

Тој додава дека, иако се затвориле неколку ковид центри на интерните клиники, сепак се отворил Институтот за белодробни заболуваања Козле за да се сместат пациентите.

Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле, доктор Бесник Зекири вели дека во оваа болница веќе не се хоспитализирани бебиња, туку сите хоспитализирани се деца кои одат во училиште.

-Денеска имаме 15 хоспитализирани деца во принцип на школска возраст, од 9 до 14 години. Веќе немаме хоспитализирани бебиња и помали деца. Нивните клинички слики се добри, не се во критична состојба, но сепак имаше потреба да се хоспитализираат. Забележувам благо опаѓање на бројот на хоспитализирани деца, неодамна имавме меѓу 20 и 25, а сега имаме секој ден од 13 до 15 деца. Во регионот во Србија и во Словенија има зголемување на бројот на заболени, но тука нема, мирно е, па ќе видиме како ќе се развива понатаму состојбата, вели доктор Зеќири.

Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, за еден ден од 3.491 тестирање, позитивни се 487 граѓани. Висок останува и бројот на починати. За еден ден битката со вирусот ја загубиле 15 лица, сите во болнички услови. Бројот на активни случаи изнесува 5.699. Од почетокот на пандемијата со ковид се заразиле 198.156 граѓани, а починале вкупно 6998. Најмногу активни случаи има во Скопје, вкупно 2.932, во Куманово 455, Велес 271 и во Прилеп 207. Над 100 заразени има во Битола, Кавадарци, Струмица, Крива Паланка и Кочани. Заклучно со 20 октомври вкупно вакцинирани се 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани. Вкупно 54 проценти од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина. Комитетот за имунизација воден од препораката на Светската здравствена организација, препорача сите граѓани вакцинирани со Синофарм и Синовак, трета доза да примат после три месеци од втората доза. Причината за ова е тоа што опаѓа бројот на антителата побрзо кај оваа вакцина отколку кај другите. Третата доза вакцина може да се прими во сите здравствени домови каде има пунктови за вакцинација, без закажување. За вакцинираните граѓани со Фајзер, Спутник или Астра Зенека треба да поминат најмалку шест месеци од втората доза за да се прими трета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот