Има една добра и една лоша вест…

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Не знам кој беше од опозицискиве редови – искрено, ме мрзи сега да се навраќам и да пребарувам – деновиве изјави дека одлуките на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба, во услови на распуштено Собрание, би можеле да се покажат како антиуставни и како причина за покренување постапка за негов импичмент во иднина. Претпоставувам, кога опозицијата ќе победи на изборите и ќе се врати на власт…

Мислам, во ред, политиката е валкана работа на сите страни, навикнавме дека не се бираат средства за постигнување на целите – па, ние имаме крваво искуство и со реален обид за државен удар со учество на сите највисоки партиски нивоа на сегашнава опозиција – но, сепак, човек очекува дека би требало да има граници за некои политички безобразлуци барем кога се работи за криза од национални здравствени размери, со јасни смртоносни (глобални) последици. Е, нема.

Напротив, во изјавите на опозицијата и во медиумите блиски до неа секојдневно се блуе такво количество пречистен отров во врска со кризава, што за да останете колку-толку нормален средствата за дезинфекција треба да ги пиете, а не со нив да се миете. Ужасна папазјанија на конфузни, радикални ставови за сè и сешто, најфантастични измислици, квази-експерти од секаков профил, ширење на страв и најразлични конспирации, една тотална „одлепеност“ од македонската реалност, како да сте во чекалницата на интензивната нега во Бергамо! Од друга страна, нема вирус што би можел да разболи толкаво количество на злоба и омраза, а ни респиратор што би ја прочистил. Мора да е многу мачно секој ден да се будиш и да заспиваш во тој мрачен свет на сплетки, порази и безизлез.

И сега, откако станува надежно дека полека се извлекуваме од здравственава корона-драма со резултат што е над сите очекувања за успехот на нејзиното ставање под контрола, не успеваат да се скротат фрустрациите кај оние на кои ваквиот резултат „политички“ не им одговара. Кога веќе не се случи да има барем уште неколку стотици мртви, сега треба да се калкулира со економските и социјалните тешкотии кои следуваат за целото население, за тоа да се искомбинира во погоден момент за изборите. Како џукели по задушница, да лапнат нешто од она што останало нераздадено, недојадено.

Немањето емпатија во политиката скапо се плаќа. Можеби тоа не може прецизно да се измери во предизборни анкети, но тоа чувство е „црв“ што копа во најдлабоката потсвест кај луѓето. Останува таа несвесна импресија за тоа кој се трудел, кој ризикувал, кој работел (па и грешел!), а кој постојано мрчел, лажел, ширел омраза и бил арогантен и, патем, ништо никому лично ниту донирал, ниту помогнал, ниту споделил. На крајот, фирмата од Братучедот мораше да им ја спасува честа.

Добрата вест е што оваа политичка драмолетка наскоро ќе заврши, бидејќи избори ќе има триесетина дена по завршувањето на „вторава“ вонредна состојба. Лошата вест е што ќе мора да се изначекаме до тогаш и да „бдееме“ со задушниве баби кои ни од коронава аир не видоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот