Им прекипе во карантинот на Водно: Или тестирајте не, или пуштете не дома!

Четиринаесет македонски граѓани кои се вратиле од Алјаска во Македонија и биле ставени во државен карантин на средно Водно во хотел, бараат да бидат тестирани пред да си одат дома во задолжителна самоизолација. Тие ја контактираа редакцијата на Слбоден печат незадоволни од како што велат, „двојните аршини”, контактите на веќе потврден случај да седат дома во двонеделна самоизолација, а оние што немале никаков контакт со заразен, да седат во карантин без можност за тестирање, а потоа и во двонеделна домашна изолација.

– Низ цел град, а и на Водно каде што сме сместени во државен карантин има многу луѓе викендов во групи од по пет шест луѓе, седнати на маси заедно, без никаква дистанца и маски. Ги гледаме од тераса. Ние, иако без симптоми веќе 14 дена, сме без можност да излеземе од соба. Сметаме дека е оправдано да ги отседиме тие 14 дена во карантин и за тоа немаме никаква забелешка. Но, зошто не принудуваат да бидеме во домашна самоизолација кога се поминати 14 дена инкубациски период. Зарем не треба здравствените институции и министерот да ја разгледаат оваа небулозна мерка? Поминавме во САД, 14 дена беше мерката, Холандија и Бугарија исто. Како може тие држави низ кои транзитиравме да ја имаат само оваа мерка, додека ние да останеме дома дополнителни две недели. Ги повикуваме надлежните да ни објаснат како ние што сме здрави без симптоми мораме да сме затворени уште 14 дена дома. Или нека ни направат тест, или нека не пуштат нормално да функционираме – вели Никола Костовски, сместен во карантин.

Останатите од групата додаваат дека се свесни дека можеле да се заразат на аеродромите но бараат да бидат тестирани, а не да бидат држени дома уште две недели во изолација.

Исто така, непријатност им предизвикала и неофицијалната информација која ја добиле во хотелот, дека ќе си одат дома за 2 недели, која потоа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат им била негирана и им било кажано дека ќе си одат после 21-от ден, нешто за кое што владата донесе и Уредба со законска сила.

-Ние сме 14 луѓе што се вративме од Алјаска и сме во карантин. Сите трошоци околу враќањето беа платени од компанијата во која работевме. Ни беше кажано дека ќе бидеме две недели во карантин за да ни биде дадена гаранција за слетување во Софија. Истото ни беше потврдено во хотелот, вербално, пред да го попоплниме и потпишеме формуларот за државен карантин. До денеска добивавме информации, неофицијални, дека ќе си одиме или на крајот на 13-тиот ден или сабајлето на петнаесеттиот ден и ќе не пуштат дома во двонеделна самоизолација. Денеска се јавивме во ДСЗИ за да ни кажат дека не е точно тоа што ни го кажуваат во хотелот и дека ќе треба да останеме три недели во карантин и две недели дома. Меѓу другото, доаѓаме од остров на Алјаска каде на почетокот на пандемијата немаше ниеден случај на вирусот и беше изолиран остров. Како е можно, политичарите по контакт со заболен да бидат во 14 дневна изолација, а некој треба да биде повеќе од еден месец изолиран без можност да му се направи тест. Целосно нелогичко однесување на надлежните. Ова се двојни стандарди и изживуввање за граѓаните на една иста држава – вели Методиј Станојковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот