Илузија на избор
Опседнати со постојаната можност за избор, што всушност ништо нема да смени, пропуштаме да размислиме за аномалиите на системот и можностите за општествена промена
Растот на цените на кој сведочиме во последните две до три години осиромаши дел од граѓаните до ниво, што можеме да говориме за воспоставување на нов класен поредок. Се зголеми бројот на оние кои едвај преживуваат од својот труд, се намали средната класа, а дополнително се збогати малиот слој на претходно богатите и влијателните. Сведочиме на нова класна поделба и силен раст на нееднаквоста, при што половина од вработените примаат плата пониска од 1.100 евра, што е, со олку високи цени, ако се прехранува семејство без дополнителни приходи и помош, на работ на гладување. Луѓето чии плати не ги следеа експлозиите на поскапувањето, а тоа се најмногу работници во приватниот сектор, буквално низ процесот на инфлацијата се изместени од некоја средна класа кон дното на класната пирамида. Кога ќе отидеме во пензија, ако ја дочекаме, таа ќе биде двојно пониска, што е вистински очај.
Првата фаза на осиромашување во хрватското општество се случи во 90-тите, со пропаста на индустриските погони и капиларно се ширеше сите овие години, по што надојде потрошувачката, предизвикувајќи огромни макроекономски нерамнотежи, преферирајќи живот на долг.
Меѓутоа, сега се одвива втора или трета етапа од процесот на осиромашување, за која е прашање кога ќе заврши. За политичката елита сè уште не е доволно опасно, бидејќи во приватниот сектор работниците потешко се организираат и се борат за своите права. Со години им беше зборувано – и сега им се зборува – дека самите се криви за своите неволји, што се глупости, толку анахрони што и не треба ни приближно да се сфаќаат како сериозни. Во новата прераспределба на парите, снагата и моќта на општеството сè повеќе ги дели луѓето кои работат во јавниот сектор и луѓето кои работат во приватниот сектор. Платите во јавниот сектор се зголемија во повеќе наврати, со одлука на Владата, особено пред избори, а потоа тоа се пренесе на локалната самоуправа, без оглед која партија е на власт, чија администрација (говориме за просекот) сега сепак ужива многу подобар третман од најголемиот дел на работниците коишто работат кај приватниците. За преголемиот број на административни единици, пак, повеќе никој не говори, бидејќи тоа е политички и социјален „врел компир“. Ни власта ни опозицијата не брануваат кога треба да се говори за оправданоста на големиот бирократски апарат, бидејќи и власта и опозицијата од тоа имаат корист. Од друга страна, осиромашената економска база, каде економијата главно се сведува на туризам и сервисни услуги и не им нуди на луѓето којзнае каква алтернатива. Во приватниот сектор работодавецот потешко може да се натера да ги зголеми платите. Доколку продуктивноста не го оправда зголемувањето на платите, што е најчестиот аргумент, приказната е готова. Така имаме дел од економијата каде критериумот е некаква продуктивност која зависи и од управувачкото умеење на претприемачот, и дел од економијата за кој тој поим е непознаница. Ако некој тоа го доведе во прашање, веднаш демек задира во благосостојбата на државата.
Но, ни хоризонталната мобилност не е особено развиена. Иако постојано се говори дека нема работници, општото мислење е дека при вработувањето членската книшка од некоја од поголемите партии и натаму е поважна од дипломата. Синдикалното преговарање, работникот од приватниот сектор често го следи само како некакво реално шоу на телевизија. Знае дека тоа не го засега и дека за него ништо или многу малку ќе се промени. Во таа смисла, дел од граѓаните кои чувствуваат дека за нив никој не се грижи креваат раце од демократскиот процес, бидејќи не гледаат дека нешто се менува.
Инфлацијата прво тргна глобално, на почетокот тоа беше инфлација на понудата, зголемени влезни трошоци, последици од пандемијата и војните коишто ги прекинаа вообичаените трговски синџири, па ценовната рамнотежа на овие мали пазари особено се наруши. Но, кога еднаш ќе тргне, тогаш инфлацијата е тешко да се запре, бидејќи во морето на поскапувањата тешко е да се види што е оправдано, а што е потполно неоправдано покачување на цените и лов во матно во кој наративот за инфлацијата се користи како оправдување за зголемување на профитот. Цените брутално растат, особено на храната, па просечната плата речиси целата оди на храна. Инфлацијата затоа најмногу ги погодува оние што имаат најмалку. Преку маржите и даноците, пак, дел од цената оди кај трговецот и државата. Прераспределбата од сиромашните кон богатите продолжува, а експлоатацијата на човек по човек добива нова димензија, овој пат и потрошувачка. Од даноците се храни државниот апарат, а колку е ефикасен, сведочиме секој ден. На листите, пак, компаниите со најголеми профити се перјаниците на трговскиот сектор, телекомуникацискиот и – банките.
Нема создавање на нова вредност. Има нееднаквост на платите, па така пресметано е дека жените во просек примаат помала плата за истата работа од мажите. Значи, кога тоа ќе се пресмета, најлошо – пак во просек, нагласувам – поминуваат жените во приватниот сектор. Но, да се говори за родова нееднаквост кога се платите во прашање тоа може да биде само надградба. Темелот е говорење за класната нееднаквост, а ако се говори пред сè за класната нееднаквост, тогаш тоа е лева политика. Тој што тоа не го разбира, а мисли дека е левичар, тогаш ништо не разбира и пишува лоши програми.
Владата, пак, изведува некои даночни измени, со идеја помалку да се оптовари трудот, а повеќе капиталот. Меѓутоа, тоа може да го спроведува колку сака, кога низ растот на цените, низ данокот на додадена вредност, се случува силна даночна регресија (сиромашните плаќаат релативно повеќе, а богатите помалку). Инфлацијата е за жал најголемата даночна реформа – во контра патека од прокламираното. Но и на буџетот тоа му одговара. Тој се полни делумно и од потрошувачката која го крева БДП-то, па додека оди – оди. Данокот на недвижности оди во локалните единици, што е претставено како децентрализација. Но, тоа не е децентрализација во функционална смисла, туку одржување на статус кво, купување на политички мир.
Кога се говори за ефектот на еврото, кој наводно е нешто малку над нулата, се разнишува вербата во економската наука. Тогаш се појавуваат оние научени напамет смешни анализи за тоа колку статистиката е неподобна, преку примерите за сармата која се состои од мешање на зелка и месо, потоа експлоатираната теза за европските цени, ама не и за европските плати … А тоа што е најлошо, веројатно по законот на клишеата, таа теза се покажува како точна. Да, имаме цени кои се повисоки од европските, а плата има како кој, при што тие чии плати одамна не ги следат цените, тонат во сè подлабока егзистенцијална дупка. Потрошувачкото општество го возвраќа ударот.
Неодамна на телевизија гостуваше, за мене секогаш интересната словенска филозофина Рената Салецл, која пред повеќе години ја напиша книгата „Тиранија на изборот“ во која го опиша изборот како идеологија на постиндустриското општество која во човекот произведува чувство на страв, стрес и непријатност. Опседнати со постојаната можност за избор, што всушност ништо нема да смени, пропуштаме да размислиме за аномалиите на системот и можностите за општествена промена. Тиранијата на изборот е всушност илузија на изборот, капитализмот е создаден на имитација и сега тоа многу добро се гледа.
Три или четири корпорации, велат, доминираат со прехранбената индустрија. Освен тоа, избор имаш додека имаш пари, односно, како тоа го напиша Жан-Франсоа Леотар, сè проаѓа, ама само додека имаш куповна моќ. Толку за слободата и еклектизмот на постмодернизмот.
Се чини дека потрошувачкото општество дојде до својот зенит, тоа беше плима која нè прекри и сега кога е во фаза на осека, го гледаме како некаква заблуда. И доцниот капитализам, полн со слики и приказни, тоа што капитализмот секогаш и бил: имитација и повторување со тенденција на стимулирање на потрошувачот и пацифицирање на граѓанинот. Некогаш, во својата модерна, индустриска фаза се повторувало низ производството, работа на лента на исти производи, а сега тоа се повторува низ потрошувачката, низ која повторно се воспоставува некоја нова униформираност: јадеме некоја нова еднообразна храна, се облекуваме во некои нови „народни магазини“, од кои сите излегуваат слично облечени, само што таа облека набргу ќе ја смениме повторно со слична, само што таа облека не ја произведуваме сами и тука … Одиме како толпа, по дуќаните, центрите и градовите, кои исто така се слични едни на други, со исти продавници како дома, со слична понуда, слична потрошувачка идеологија и економија на доживување.
Сè е глобализирано и типизирано: сè е контролирано, но повторно ни се дава илузија на изборот, во најширока смисла.
(Авторката е новинарка, теоретичарка и филозофина од Хрватска)