ГАЛЕРИЈА l Илјадници граѓани од цела Македонија најгласно до сега порачаа: Сакаме да ДИШЕМЕ!

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Попладнево се случи најмасовниот протест на кој Македонија се сеќава против загадувањето и климатските промени.

Со Маршот за Чист воздух, Скопје и овој петок се приклучи на глобалните протести против климатските промени, а граѓаните и еко-здруженијата, кои за прв пат вистински се сплотија, најгласно досега го искажаа својот револт против континуираното загадување во државава. Младите доминираа со своето присуство и го предводеа протестот од Министерството за Животна средина па се до Владата, а за време на маршот се приклучија и случајни минувачи.

Фото: Слободен печат / Арбнора Мемети

Светот денеска излезе на улица против климатските промени, а ние за чист воздух и почва. Тоа докажува колку сме ние поназад од таму каде што сакаме да бидеме, во ЕУ, истакнаа од скопскиот органок на глобалното движење против климатските промени Fridays for Future (Петоци за Иднината).

Сакаме да дишеме! Овој проблем не се решава со криење позади оваа шампита, маски против загадување од аптека или прочистувачи на воздух од 600 евра – имаме две опции, едната е да се затвориш сам дома и да се угушиш, а другата е да се сплотиме сите заедно и да го решиме овој проблем еднаш засекогаш, истакна средношколката Јана Наскова, активистка во скопскиот органок на Fridays for Futurе.

Заедно со останатите млади активсти кои се обратија, тие порачаа дека бројката од над 3.500 нови случаи на белодробни заболувања годишно мора да стане минато, бидејќи младите таква иднина не сакаат.

Сакаме чист воздух, чиста почва, чиста околина. Загадувањето ни пречи кога одиме на училиште. Загадувањето ги тера родителите да се плашат да ги пуштат децата на воздух, од страв дека ќе се разболат. Сите го дишеме истиот воздух, можеби наведната глава сабја не ја сече, но во секој случај, добива рак на плуќа од ПМ10 честички, истакнаа младите кои веќе имаат своја листа на барања за Владата и се понудија да им помогнат со реализација на истите.

Покрај активистите од Fridays for Future, пред Владата свое обраќање имаa и Невена Георгиевска од О2 иницијатива и Крум Велков од иницијативата за Спас на Струмичката Котлина.

Фото: Слободен печат / Арбнора Мемети

Со своите барања и публикации, активистите се погрижија што да имаат за читање политичарите овој викенд, а најавија дека и следниот петок ќе продолжат со маршот за Зелена револуција.

Непосредно пред почетокот на протестот, од официјалниот твитер профил на Владата напишаа дека ја делат загриженоста околу аерозагадувањето и дека ќе ги слушнат внимателно барањата, а споделија и отворена покана за средба со активистите во понеделник, на 2 декември.

Погледнете ја галеријата од маршот:

[foogallery id=”136135″]

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот