Илјадници на марш против разлабавување на целосната забрана за абортус

Малта абортус протест/ Фото: Ricardo Rubio / Zuma Press / Profimedia

Со поставување огромна фотографија на неродено бебе пред канцеларијата на премиерот во Валета, на Малта почнаа досега најголемите протести против плановите на владата да ги разлабават строгите закони против абортусот.

Илјадниците луѓе маршираа во неделата во Валета, носеа пароли „Абортусот надвор од Малта“ и извикуваа „Не за абортусот, да за животот!“. На маршот учествуваа поранешната претседателка Мари Луиз Колеиро Прека, лидерот на конзервативната опозиција и главниот малтешки бискуп.

– Тука сме за да бидеме глас на неродените деца. Со абортусот секогаш се гаси живот – изјави на собирот 19-годишната студентка Марија Формоса.

Малта е единствената членка на Европската Унија во која абортусот е апсолутно забранет, дури и во ситуации кога е загрозен животот или здравјето на жената. Министерот за здравство Крис Ферне пред една недела предложи амандман со кој се укинува казната до четири години затвор за лекарите што ќе прекинат бременост за да им помогнат на жени со сериозни здравствени проблеми.

Малта абортус/ Фото: Gabriel BOUYS / AFP / Profimedia

Досега ниту еден лекар не бил обвинет за такво дело, но укинувањето на казната конзервативците го сметаат за сериозен удар против забраната за абортус. Конзервативната опозиција, влијателната Католичка црква и низа граѓански здруженија го опишаа амандманот како „непотребен“ и како „закана за отворање пат кон целосна либерализација на абортусот“. Владејачките лабуристи ги отфрлаат критиките.

Амандманот беше предложен по случајот со американската туристка Андреа Пруденте, на која во јуни годинава на Малта ѝ било одбиено барањето за абортус, иако ненадејно почнала да крвари. Таа итно била префрлена во Шпанија за да ја прекине бременоста. По интервенцијата, која ѝ го спасила животот, Американката ја тужела владата на Малта, оценувајќи дека забраната на абортус во сите услови претставува прекршување на човековите права. Група од 135 малтешки лекари, пак, организираа протест и ја повикаа владата да ја преразгледа целосната забрана за абортус.

Андреа Пруденте/ Фото АФП/ Профимедиа

Лабуристите имаат комотно мнозинство во парламентот и имаат висок рејтинг, но нивната најава за отворање можност за абортус вознемири многумина во островската земја со изразена конзервативна традиција.

Надбискупот Шарл Скикуна во отворено писмо потпишано од уште двајца бискупи предупреди дека укинувањето на заканата за лекарите може да ги поттикне жените „да бараат прекинување на бременоста не само кога им е загрозен животот, туку и при какви били здравствени проблеми“.

– Човечки живот не смее да биде одземен за да се зачува нечие здравје – заклучуваат бискупите.

Ако пратениците би го усвоиле предложениот амандман, лекарите би можеле легално да прекинуваат бременост на пациентки чиј живот или здравје се загрозени. Премиерот и лидер на водечките лабуристи Роберт Абела го поддржа новиот закон, воедно истакнувајќи дека абортусот ќе остане нелегален и дека ќе бидат санкционирани обиди да се злоупотреби законот.
Гинекологот Изабел Стабиле, од групата од 135 лекари што ја оспорија целосната закана, вели дека новиот закон е „чекор во вистинската насока“ и бара уште поголема заштита на правата и здравјето на жените.

– Сѐ уште не е предвидена можност за прекинување на бременост на жени што биле жртви на инцест или силување ниту, пак, во случаи на регистрирање фатална аномалија на фетусот – истакнува Стабиле.

Премиерот Абела неодамна изјави за „Тајмс оф Малта“ дека многу жени директно му се пожалиле дека стравувајќи од затвореки казни, лекарите многу пати не можат да им укажат помош на жени со компликации при бременоста.

– Во изминатите месеци се сретнав со десетици жени што ми рекоа дека извршиле абортус со апче. Ги има по околу 300 до 350 што абортираат на овој начин. Сите ми го кажаа истото, дека се стигматизирани и дека ниту една не добила каква било поддршка – изјави Абела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот