Илјада кревети во болниците се спремни за пациенти со коронавирус

Најголем број заразени со коронавирус во земјава се очекува да има на крајот на април, а за тоа медицинските установи се подготвуваат уште отсега. Од Министерството за здравство уверуваат дека на располагање имаат повеќе од илјада болнички кревети за пациенти што ќе бидат хоспитализирани во случај кај нив да дојде до потешки клинички слики што вирусот ги предизвикува.

На последната владина седница, донесена е Уредба со законска сила, со која 78 милиони денари се наменети за реконструкција на јавните површини на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје за време на вонредната состојба. Овие пари се наменети за овозможување и укажување здравствени услуги, пренесување и транспорт на пациенти што се заболени од ковид-19 и за непречено функционирање на другите клиники во комплексот.

Во моментов околу 60 пациенти се сместени на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а дополнителни капацитети има во болницата „8 Септември“, на инфективните одделенија во Штип, Гостивар и во Велес, на Институтот за белодробни заболувања во Козле, како и во депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија. И приватните болници ги понудиле своите установи на располагање на државата, доколку дојде до зголемен број на пациенти, на кои ќе им биде потребна хоспитализација.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека на Клиниката за инфективни болести има 250 места на располагање, а со околу 400 кревети располага болницата „8 Септември“ во Скопје. Здравствените власти уверуваат дека пристапот што го користат – некои пациенти да се лекуваат во болница, а други да бидат на домашно лекување – дал успешни резултати во Германија и дека за нашата земја е добро да се копира. Лицата со лесна форма на болеста и без ризик за компликации се лекуваат во домашни услови. Матичниот лекар треба да биде вклучен во надзорот на здравствената состојба со следење на развојот на симптомите преку дневни телефонски повици и, доколку е можно, преку посети во домот на пациентот, велат од Министерството за здравство. Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, досега во земјава се направени 3.775 теста, од кои позитивни до завчера напладне се 354. Сите пациенти од Заводот за рехабилитација во Козле се испишани и се упатени на домашно лекување, а таму каде што е поставена индикација, амбулантски ќе се вршат третмани во болницата „8 Септември“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот