Илинден е нашиот Велигден

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

И покрај погибелот на Илинденското востание, неговата краткотрајност, неуспех и пропаст, во децениите што следуваа тој остана факел-светилник во меморијата на македонското население како најголемата вооружена борба на Македонците за нивна национална и социјална слобода.

Во моите дискусии за историските невралгични тегоби на македонскиот народ кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, мојот вујко постојано ми велел дека историјата е филозофска наука што треба да ја разбереш. Можеби потсвесно тоа ми било водилка низ целото мое формално и неформално образование, учејќи за историјата на Македонија да пробам да ја разберам, а не да ја знам: бидејќи е општопозната како фактографски историски настани.

Оттука, еден мој колега од факултетските денови, кој на ниво на универзитетски професор ја знаеше современата и модерната историја на Македонија, постојано велеше: Благојче, јас ја знам, а ти ја разбираш историјата. Сите ние кои сме навлезени во историјата ги знаеме датумите на создавање на Санстефанска Бугарија, кога се случил Берлинскиот конгрес, формирањето на македонската револуционерна организација, Илинденското востание и трагичните за нас балкански војни, но ретко кој знае да даде причинско-последичен хронолошки редослед на сите тие историски настани и со прецизна објективност да утврди и да елаборира зошто се случиле последовно овие судбоносни настани за македонскиот народ и за Македонија како национален субјект, кои значеле историска пресвртница за нашата иднина, а од крајните резултати ние и денес страдаме во ирационални спорови со нашите источен и јужен сосед.

Дали бевме спремни за востанието?

Многумина наши историчари велат дека Македонците не биле воено, борбено и организациски спремни за кревање националното востание со кое требаше Македонија да се ослободи од петвековниот турски јарем и рамо до рамо како другите балкански народи да формира своја нација-држава во срцето на Балканскиот Полуостров, со главен град Солун. Сепак, критиката за неуспехот на Илинденското востание треба да се упати на друга адреса. Без задршки, наспроти генералното општествено и научно мислење кај нас, многупати сум пишувал дека македонската револуционерна организација е создадена од официјалниот бугарски владин двор, по директна наредба на бугарскиот премиер Стефан Стамболов и тогашниот министер за надворешни работи Константин Стоилов, како организација која ќе се бори за ослободување на Македонија и нејзино вметнување во рускиот државен проект, наречен Санстефанска Бугарија, кој беше спречен од западните велики сили.

По обединувањето на Кнежеството Бугарија и областа Источна Румелија во 1885 година, под водство на кнезот Александар Батенберг, единствено етнографска Македонија остана надвор од границите на ,,мајка Бугарија“, а со тоа стана извор и причина на сите понатамошни војни кои Бугарија ги загуби и ги претвори во свои национални катастрофи, согласно вордингот на денешната историографска наука на Бугарија. Не случајно, само осум години по националното соединување на Бугарија и поставување на границите на модерна Бугарија во Солун, шест интелектуалци за тоа време од Македонија ја создадоа организацијата, во која според Уставот од 1896 година, подготвен од Ѓорче Петров и Гоце Делчев, во неа може да биде член секој „Бугарин од територијата на Македонија“.

Точно една деценија по формирањето на Организацијата се случи долгоподготвуваното востание кое денес ние го чествуваме како наш највисок национален празник, столб на нашиот историски идентитет, крик на македонското поробено население за национална и социјална слобода и отфрлање на петвековното османлиско ропство. Неговото задушување, неуспехот и пропаста лежат во перцепцијата на великите сили дека ова востание е вик на македонските Бугари кои бараат слобода и преку автономија ќе се обединат со матицата Бугарија, по примерот на обединување на Бугарите од Тракија (Источна Румелија). Тоа би значело нов дисбаланс на сферите на влијание на Балканот и создавање на голема бугарска држава несоодветно сразмерно многу поголема од останатите – српска и грчка, кои биле под западна сфера на влијание.

За волја на вистината, ниту Гоце Делчев, ниту Даме Груев, за Татарчев и останатите основоположници и не станува збор, никогаш никаде и со ништо не создавале дејствување со кое ќе презентираат дека се борат на национална слобода на етничките Македонци, дека говорат на народен етничкомакедонски јазик и дека се борат за создавање етнонационална држава на посебните етнички словенски Македонци, кои се разликуваат суштински од Бугарите, па и од Србите. Такво нешто за разлика од нив, таткото на македонскиот литературен јазик, а со тоа и на македонската модерна нација Крсте Петков Мисирков во својата книга „За македонцките работи“, во која, меѓу другото, дава и критика на Илинденското востание, вели дека Македонија не може вооружено да се ослободи, туку напротив, со национално будење и еманципација на Македонците дека биле „посебно племе“ на Балканот. Нешто на кое ВМРО било целосно против, па дури и вонвременската книга на Мисирков ја запленила и ја запалила како еретичка. Некои извори одат дотаму дека му се заканувале со негова физичка ликвидација, па затоа тој по Илинденското востание емигрира во Санкт Петербург и во Одеса, исплашен за својот живот токму од „долгата рака на ВМРО“. Тоа е, дами и господа, вистината што нашите карикатурални и квазиисторичари и историчарки, тетки-професорки, многу добро ја знаат, ама ја кријат. Не случајно старите велат од главите си патиме, а уште долго време и ќе си патиме.

Илинден остана мит на кој создадовме држава

Сепак, и покрај погибелот на Илинденското востание, неговата краткотрајност, неуспех и пропаст, во децениите кои следуваа тој остана факел-светилник во меморијата на македонското население како најголемата вооружена борба на Македонците за нивна национална и социјална слобода. И кога конечно комунистите (партизаните) ја зграпчија историската создадена можност за државно-правно конституирање на македонска држава, за првпат во историјата на Македонија, во виорот на Втората светска војна, не случајно нејзиниот камен-темелник беше поставен на 2 август како историски и мемориски континуитет на македонската борба за слобода и државност.

Многумина велат дека да не беше Илинден 1903-та, немаше да биде и тој 1944-та, а аналогно на тоа и „третиот“ – во 1991-ва, како последна фаза од реализацијата на целовековната борба на Македонија за своја слобода. И покрај тоа што во првиот Илинден погрешно биле поставени контурите и видиците за ослободување на Македонија и што тоа би значело, тој чин понатаму е врежан како најважниот историски меѓник на македонската историја од кој ја црпиме нашата денешна државност.

(Авторот е политиколог)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот