Илијевски: До четврток ќе знаеме дали ќе ги бојкотираме изборите во Србија

Претседателот на Македонската партија во Србија, Горан Илијевски, вели дека ја поддржува политиката на Заев за добрососедство и пријателство со Србија.

Ќе донесеме одлука за нашето учество за претстојните избори во Србија. Состојбата е мошне сериозна во Србија бидејќи победникот веќе се знае. Опозицијата ќе ги бојкотира изборите. Во последен момент се менува изборниот закон каде има многу контрадикторности, вели во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ претседателот на Македонската партија во Србија, Горан Илијевски.

-Вплеткани се во енигма од која не можат да излезат. Со новиот закон, на претстојните пролетни избори во Србија, Републичката изборна комисија (РИК) ќе одлучува дали изборните листи или коалиции на малцинските партии ќе имаат статус на малцински партии во Србија, а за тоа може да побара мислење од надлежниот Национален совет дали подносителот на изборната листа е партија на националното малцинство- вели Илијевски.

Со измените на Законот, потенцира Илијевски, е предвидено партиите на националните малцинства да не треба да остварат цензус од три проценти, за да им бидат доделени пратенички мандати, при што при распределбата на мандатите со користење на најголемиот систем на количници, квотите на избирачките списоци на малцинските партии се зголемуваат за 35 проценти.

-Ние сме регистрирани како партија на националното малцинство и како таква веќе учествувавме на локалните избори со своја листа (одобрена од изборната комисија како листа на партија на националното малцинство). Апсурдно е во иднина РИК да може да побара мислење од Националниот Совет (НС) на македонското малцинство за автентичноста на статусот на нашата малцинска листа. Поради дисфункционалноста и многуте неправилности во работата на НС на македонското малцинство, неговиот нелегитимен избор, Партијата на Македонците во Србија не го признава НС на МНЗ и бара целосна државна ревизија на неговото финансиско работење. Затоа е нонсенс таквиот НС, кој со закон е деполитизиран, сега да носи мислење дали сме партија на македонското малцинство и на тој начин да остварува политичко влијание врз изборниот процес, рече Горан Илијевски, од Македонската партија во Србија.

Тој вели дека ја поддржува политиката на Заев за добрососедство и пријателство со Србија.

-Но за пријателство се потребни двајца. Колку е искрена од страна на Вучиќ, времето ќе покаже- заклучи Илијевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот