Илија Николовски: Новата методологија ќе донесе поголеми пензии

Илија Николовски, лидер на Партија на пензионери / Фото: Архива на Слободен печат

Добро е што ќе се менува методологијата за усогласување на пензиите, оценува претседателот на Партијата на пензионери, Илија Николовски, по изјавата на премиерот Зоран Заев дека е донесена одлука за нова методолгија според која растот на пензиите ќе зависи од растот на цените, но и и од растот на просечната плата во државата.

Николовски, во изјава за „Слободен печат“, вели дека Партијата на пензионери подолго време алармираше дека е неопходно да се смени методолгијата, да се следат европските искуства, и така да се дојде до поголема пензија.

– Со новата методологија, всушност се залагаме просечната пензија да биде 60 проценти од просечната плата, а минималната пензија да биде 70 проценти од минималната плата. Ние и порано имавме методолгија според која усогласувањето на пензиите се вршеше така што 50 проценти од пензијата се зголемуваше со процентот на растот на трошоците на живот, а 50 проценти со растот на просечната плата во претходниот период. Сега, се уште се размислува за процентуалните удели на усогласување – колкав процент од пензијата ќе се зголеми со процентот на инфлација, а колкав со процентот на растот на платите, но она што се знае е дека пензионерите ќе добиваат значително поголемо зголемување на пензиите отколку што е со сегашната методологија– изјави за „Слободен печат“ Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери.

Тој рече и дека минималните пензии во државава се многу ниски и затоа ќе бараат повремено, кога од некои причини ќе се зголеми ранливоста на овие пензионери, тие да добиваат еднократна помош.

Партијата на пензионери посветено продолжува да работи за да се изнајде и одржливо решение за усогласување на минималните пензии со минималните плати, што ќе овозможи дополнителна подршка на оваа најранлива група на пензионери и подобрување на нивната економско-социјалната положба со подостоинствени пензии – вели Николовски.

Новата методологија, како што најави Заев, треба да се применува од 1 јануари 2022 година, а усогласувањето на пензиите ќе се врши двапати годишно, во јануари и во јули.

И според сегашната законска регулатива, пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 јануари и на 1 јули, но усогласувањето зависи од инфлацијата. Можно е и усогласување со платите, но само ако има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 проценти и пораст на просечната плата во претходната година за повеќе од 5 проценти. Дополнително, усогласување е можно и во случај ако бруто-домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 проценти. Овие услови, и во „нормални“ услови тешко се исполнуваат, а во пандемиски се невозможни.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот