Илија Димовски: Законодавниот дом има системска грешка – зависност и подреденост под извршената власт

Тој апелира до новите пратеници да најдат сила за да се наметнат себеси, над интересите на извршната власт, што во суштина би значело спроведување на волјата на граѓаните заради која се и избрани.

По денешното конституирање на Собранието, поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека законодавниот дом има системска грешка – зависност и подреденост под извршената власт, за што вели е спротивно на Уставот.

-Врз база на сопствено чувство за незавршена работа, но и како апел до новите пратеници би сакал да укажам на една клучна и сериозна системска грешка и маана во неговата работа, за која, ниту во времето на Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а и последниве години, во време на Влада на СДСМ не се најде волја и начин да се надмине и реши. Таа системска грешка и маана е неговата зависност и подреденост под извршената власт, што е спротивно на Уставот. Да бидам искрен, во Собранието секогаш имало волја да се наметне над Владата и партиските водства, но таа волја била ограничена и по квантитет и по квалитет, а и секогаш била остро и силно нападната од политичкиот естаблишмент кој бил дел или единствено заинтересиран за извршната власт- напиша Димовски.

Тој смета дека постизборниот период, пред формирање на новото владејачко мнозинство е одличен тајминг за реформа на политичката и суштинска поставеност на Собранието на Република Македонија кон извршната власт, кон политичките партии, но и како одговорност спрема граѓаните.

-Не треба многу, треба да се променат и изменат три акти, Изборниот законик (за да се промени изборниот модел), потоа, Деловникот за работа на Собранието (за да се внесе поголема динамика, одговорност и алатки за работа на пратениците, а да се намали монополот за управување што до сега го има кај себе институцијата Претседател) и на крајот, Законот за политички партии (за да се наметнат и обврски, а не само права за политичките партии, по примерот на сите други правни ентитети во државата). За овие три акти секогаш е потребен најширок консензус, што ретко се постигнувал, иако зад нас имаме десетици и десетици започнати иницијативи за реформа во оваа област. Во ова време на неформирана Влада, можеби е најдобро да се размисли и иницира по стоти пат темата за проблемите на функционирање на Собранието. Ова се работи за кои, да бидам искрен, досега партиите, за жал, немаа доволно волја и слух- смета Димовски.

Тој апелира до новите пратеници да најдат сила за да се наметнат себеси, над интересите на извршната власт, што во суштина би значело спроведување на волјата на граѓаните заради која се и избрани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот