Илија Димовски во клинч со министерот Маричиќ за договорот со Бугарија

Договорот со Бугарија е наша најголема заштита од неразумни натамошни барања и притисоци, изјави вечерва министерот за правда Бојан Маричиќ, во емисијата „24 Анализа” на ТВ 24, каде истакна дека договорот потпишан во 2017 година ни остава простор ние денеска да укажуваме.

– Ако досега го немавме потпишано тој договор бидете убедени дека веднаш ќе беше прифатено Поглавјето 35 како дел од преговорите и дел од преговарачката рамка. Во моментот ние имаме договор билатерален склучен со Бугарија којшто има соодветни инструменти за следење на неговата имплементација. Значи, ние имаме Годишен извештај, секоја година треба консензуално да се усвои годишен извештај и врз основа на тоа да се доставува тој извештај на ЕК, на државите членки да го следат напредокот. Немаме потреба, затоа се аргументите на наша страна, затоа Бугарија го користи аргументот на силата во овој момент, рече министерот Маричиќ.

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак смета дека Договорот со Бугарија не ни помогнал да си го утврдиме идентитетот, а и Преспанскиот договор со Грција не ги затворил прашањата како што тврдеше власта.

– Втора работа, велите Договоров ни е гаранција дека добро ќе поминеме, а ние сме на две недели, три недели пред вето на уште непочнати преговори. Замислете, треба да отвориме 34 поглавја за да ги почнеме преговорите Гоце, за првото Поглавје Даме, за второто Поглавје – Јане, за трето Поглавје – Борис Сарафов, за четвртото – Тодор Александров и се до 1945 година, од 1945 наваму нема ништо да ни проблематизираат. Значи, тоа е стара бугарска позиција која што ние ја знаевме, ви ја укажавме заради тоа што имавме неколку министри претходни коишто учествувале во овие преговори, но и научно е докажана позицијата на официјална Бугарија спрема македонскиот јазик и спрема македонската нација, рече Димовски.

Воедно, тој истакна дека „Собранието на Република Македонија треба да изгради национална позиција околу ова прашање”.

– Треба да се најде некаква платформа и мислам дека треба сите заедно да седнат, не една партија, две партии, три, туку сите заедно. Таму се четири големи партии, плус ете и Левица, да седнат и да напишат не преобемен документ, не преоптоварен документ со политичка идеологија, туку треба национални позиции Македонија да изгради за ова прашање, истакна Димовски.

Министерот Маричиќ, пак, посочи дека таа платформа не мора да биде во форма на собраниска декларација, може да дојде и тоа, како што рече, ако бидат договорени страните, а се согласува дека е неопходна заедничка стратегија.

– Ние како Влада се обидувавме и во преговорите со Грција да изградиме една таква стратегија. Имаше повеќе лидерски средби во тој период, за жал не дадоа резултат, по мое мислење, пред се, заради неконструктивноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, доволно простор имаше за изнесување на ставовите секако во рамките на она што е целта на процесот, а тоа е да изнајдеме решение. Ние мислам дека јасни ни се и Владата неколку пати ги нагласи црвените линии дека ние сме Македонци кои говорат македонски јазик и дека можеме да градиме точки во историјата преку настани и личности коишто не спојуваат, меѓутоа да се откажеме од тоа што сме и тоа што сме биле не можеме, изјави Маричиќ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот