Илиевски најави кривична за Инспекцискиот совет зашто не постапил по одлуката на Антикорупциска

Инспекцискиот совет кој е формиран од Владата работи контра Антикорупциската комисија во однос на донесената одлука за поведување дициплинска постапка против главниот просветен инспектор Африм Салиу. Тоа е незаконито, несовесно и непрофесионално работење на претседателката на Советот, Магдалена Филиповска-Грашковска, и на членот во Советот од областа образование, наука и култура, Ќерамедин Селими, изјави вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски, најавувајќи кривична пријава за злоупотреба.

Главниот просветен инспектор Салиу на 6 јуни 2019 година заедно со  двајца инспектори извршил вонреден инспекциски надзор на Тетовскиот универзитет при што утврдил дека нема законски пропусти во однос на унапредувањата на тројца јавни функционери  – министерот за образование Арбер Адеми, заменик-министерот во МВР Агим Нухиу и директорот на Заводот за индустриска сопственост Сафет Емрули.

Антикорупциската побарала од Инспекцискиот совет дисциплинска постапка зашто констатирала судир на интереси кај Салиу, кој согласно со Законот за спечување корупција и Етичкиот кодекс за работа на инспекторите требало да биде изземен од инспекцискиот надзор на ДУТ затоа што неговата ќерка е вработена како асистент на Правниот факултет на тој универзитет.

– Инспекцискиот совет, претседателот и членот воопшто не преземаат чекори за што имале должност. Во повеќе наврати доставив дописи за одговор до каде е дисциплинската постапка, но ми одговараат слаткоречиво дека постапката е во тек. Од јули до ден-денес нема никаква постапка. За вакви чинови во други случаи се поведувале дисциплински постапки и се одземани лиценци на инспектори. Во конкретниов случај Инспекцискиот совет работи дискриминаторски и затоа ќе бидам принуден да покренам и кривична пријава за злоупотреба од овие главни личности во Советот, рече Илиевски.

Тој додаде и дека не само што нема дисциплинска за Африм Салиу, туку е и награден од директорот на Државниот просветен инспекторат Томе Спировски со овластување покрај главен инспектор да биде и раководител во одделение за инспекциски надзор во Советот.

Илиевски нагласи дека повеќе нема доверба во домашните институции кои веќе се запознати со случајот и за сите неправилности ќе информира некои меѓународни институции и неколку амбасади во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот