Или покачување од 2.800 денари за цел јавен сектор или генерален штрајк, се закани ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не ја исклучува можноста за генерален штрајк доколку не се исполни неговото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и не остварат средба во премиерот и надлежните министри.

Тие во понеделникот побараа средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и министрите за финансии и за труд и социјална политика бидејќи, како што тврдат, во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за оваа намена.

Од ССМ велат дека трпението е при крај и дека ако не се исполни даденото ветување, единствената опција е да се оди на генерален штрајк.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски во изјава за МИА вели дека доколку наскоро не бидат повикани на разговор во Владата, тогаш Претседателството и Советот на ССМ, како највисоки тела на Синдикатот, ќе дадат упатство до гранските синдикати за организирање на генерален штрајк.

Ваквата реакција уследи откако од ССМ забележале дека во ребалансот на Буџетот не се планирани средства за оваа намена, како што им било ветено, како и по објавената колумна на министерот за финансии дека е потребно да се креира нова методологија со која ќе се вредува продуктивноста и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата).

– Во однос на реакцијата на Сојузот на синдикати во однос на покачувањата на платите во јавниот сектор, ќе напоменам дека треба да се договори сеопфатна методологија со која ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор. Во оваа методологија ќе се вреднува продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата). Соодветно кога ќе се постави методологијата ќе се наменат и средства, напиша министерот Фатмир Бесими во колумната.

Видео на денот